Симболичниот часовник на Судниот ден е поблиску до полноќ од кога било претходно, што покажува дека човештвото никогаш не било поблиску до глобална катастрофа.
Часовникот е поместен на 90 секунди до полноќ за да се покаже опасноста за нашата планета од комплетно уништување поради активностите на луѓето. Најголема причина за поместувањето на часовникот поблиску до полноќ е војната во Украина, според „Билтен на атомските научници“, непрофитна организација која го одредува поместувањето на часовникот.
Идејата за часовникот се јавила во 1947 година со цел да се предупреди за опасностите од нуклеарна војна. Стрелките на часовникот се поместуваат поблиску или подалеку од полноќ врз основа на процените на научниците за заканите со кои се соочува човештвото. Полноќ означува точка на уништување.
Во одлучувањето за поместувањето на стрелките учествуваат повеќе научници и експерти, меѓу кои и 13 добитници на Нобелова награда. Оваа година војната во Украина отвори многу прашања за односите помеѓу државите, како и опасностите од меѓународен конфликт. Други закани за човештвото се климатските промени, биолошки закани и проблематични технологии.
Претходно, стрелките на часовникот беа поместени на 100 секунди до полноќ во 2020 година поради пандемијата. Стрелките беа најдалеку од полноќ веднаш по Студената војна, на 17 минути до полноќ.
Извор:
BBC
Насловна фотографија:
Bulletin of the Atomic Scientists