Климатските промени би можеле да создадат услови во кои ќе биде речиси невозможно да живеат околу 3 милијарди луѓе.
Имено, од 9 милијарди луѓе, кои според сегашните проекции би требало да живеат на Земјата во 2070 година, дури 3 милијарди би можеле да бидат изложени на температури какви што има денес во најтоплите делови на Сахара, според истражување на кинески, американски и европски научници.
Минатата година само 0,8 отсто од површината на планетата имале просечна годишна температура од 29 Целзиусови степени или повеќе, а на таа територија живееле само 29 милиони луѓе. До гореспоменатата 2070 година, 3 милијарди луѓе би можеле да бидат во таа ситуација.
Сепак, брзата акција и намалувањето на емисиите на стакленички гасови може да го преполоват бројот на луѓе што ќе бидат изложени на такви временски услови.
- Добрата вест е дека овие влијанија можат значително да се намалат ако човештвото успее да го спречи глобалното затоплување - рече коавторот на студијата, Тим Лентон, експерт за клима од Универзитетот во Ексетер.
Во извештајот се истакнува дека повеќето луѓе живеат во многу тесен опсег на просечни годишни температури од 11 до 15 Целзиусови степени.
Важен е секој степен
Научниците забележале дека и покрај сите иновации и миграции, луѓето главно живееле во овие климатски услови неколку илјади години.
- Оваа екстремна клима веројатно ќе биде фундаментално ограничување на она што им е потребно на луѓето за да преживеат и да напредуваат - рече професорот Мартен Шефер од Универзитетот „Вагенинген“, кој го координира истражувањето со неговиот кинески колега Чи Ксу од Универзитетот „Нанџинг“.
Според научниците, глобалното затоплување резултирало со пораст на температурата за 1,1 Целзиусов степен од прединдустриското време.
Се очекува да достигне 1,5 степен во рок од 20 години, дури и во најдобар случај на значително намалување на емисиите на стакленички гасови.
- Секој степен на затоплување над сегашните нивоа одговара на приближно 1 милијарда луѓе што се надвор од нормалните климатски параметри - рече Лентон.
Кои се сценаријата?
Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) постави три различни сценарија и три проекции во својот извештај за процена на климатските промени.
За да се визуализира колку Земјата ќе биде погодна за живот во 2070 година според овие сценарија, „Фајненшл тајмс“ ги спои проекциите на населението со секој климатски модел и ги примени на шест континенти.
Северна Америка
Според најекстремното сценарио, јужните држави на САД ќе станат многу потопли до 2070 година, особено оние што се граничат со Мексиканскиот Залив. Централна Америка би го сносела товарот на покачени температури.
Големи делови од Канада и Алјаска под Арктичкиот Круг ќе доживеат потопли услови до 2070 година. Овие области сега се главно ненаселени и се предвидува дека ќе останат такви.
Јужна Америка
На големи површини од амазонската прашума во Бразил, заедно со околните земји Перу, Колумбија и Венецуела, до 2070 година ќе биде практично невозможно да се живее поради екстремните горештини.
Околу 59 милиони луѓе би биле погодени од овие услови - или околу 12 отсто од предвидената популација на континентот во најлошото сценарио.
Европа
Се предвидува дека Европа ќе биде единствениот континент што ќе избегне просечни годишни температури над 29 Целзиусови степени.
Сепак, големите области на Скандинавија, Источна Русија и земјите што се граничат со Медитеранот сè уште може да очекуваат зголемување на температурите за дури 5 степени до 2070 година според најлошото сценарио.
Африка
Се предвидува дека Африка ќе доживее експлозија на населението во сите вообичаени социо-економски сценарија, удвојувајќи се од 1,2 милијарда на речиси 2,4 милијарди луѓе. Супсахарската држава Нигерија најверојатно ќе стане трета најнаселена земја во светот до средината на овој век, надминувајќи ги САД. Нејзиниот најголем град, Лагос, се очекува да биде најголемиот град во светот во однос на населението во 2075 година со 61,5 милион жители врз основа на средното сценарио.
Околу 81 отсто од предвиденото население на Нигерија од околу 477 милиони ќе страдаат од овие екстремни температури. Ова може да принуди огромен број да мигрираат, но многу е тешко да се предвиди развојот на ситуацијата.
- Предвидувањето на вистинската големина на климатската миграција останува предизвик. Луѓето претпочитаат да не мигрираат. Исто така, во дел од светот има простор за локална адаптација во рамките на границите, но на глобалниот југ тоа ќе бара брз поттик за човечкиот развој - вели Шефер.
Азија
Се предвидува дека азиското население ќе порасне на повеќе од 5 милијарди до 2070 година, а голем број земји ќе доживеат просечни годишни температури поголеми од 29 Целзиусови степени.
Најлошо ќе биде погодена Индија, со население кое би можело да достигне 1,6 милијарда, од кои повеќе од половина би ја доживеале оваа екстремна топлина.
Обединетите Арапски Емирати и Камбоџа би станале речиси непогодни за живеење, вклучувајќи ги и густо населените области на Јужен Виетнам и Источен Пакистан.
Океанија
Екстремната топлина на Океанија ќе биде ограничена на главно ненаселените области на Папуа Нова Гвинеја и Северна Австралија, при што поголемиот дел од австралиското население ќе остане претежно лоцирано по должината на јужниот и источниот брег.
Повеќе од 100 светски лидери сакаат да го запрат уништувањето на шумите до 2030 година.
Да потсетиме, светските лидери се собраа во Глазгов на една од можеби најважните конференции во историјата.
Едно од ветувањата е дека до крајот на деценијата уништувањето на шумите и деградацијата на почвата ќе бидат запрени, што би требало да влијае врз штетните емисии на гасови.
Тоа ќе биде поддржано со 19 милијарди американски долари во јавно и приватно финансирање.
Што друго е договорено?
Инвеститорите, кои заедно управуваат со имот во вредност од 8.700 милијарди долари, исто така ветија дека ќе престанат да инвестираат во активности поврзани со уништување на шумите до 2025 година, вклучувајќи говедско месо, палмино масло, соја и производство на пулпа.
Пет земји, вклучително и Велика Британија и Соединетите Држави, и група глобални добротворни организации, исто така, ветија дека ќе обезбедат 1,7 милијарда долари за поддршка на домородните народи во зачувување на шумите и зајакнување на нивните права на земјиште.
Најважната цел на конференцијата во Глазгов е да се донесат одлуки кои ќе го задржат порастот на температурата до максимум 1,5 степен во однос на прединдустрискиот период, при што научниците велат дека шумите и таканаречените решенија засновани на природата ќе бидат од витално значење за да се постигне таа цел.
Според проектот „Биомас карбон монитор“, шумите отстрануваат околу 760 милиони тони јаглерод секоја година од 2011 година, компензирајќи за околу 7 отсто од емисиите на јаглероден диоксид од фосилните горива и цементот.
Фото: Freepik