Тој е повеќекратен државен првак на Македонија во карате. Пред десетина дена Петар Спасеновски стана и европски првак во категоријата јуниори до 21 година и до 84 килограми. На сите пет борби што 20-годишниот каратист ги имаше на Европското првенство во данскиот град Алборг понесе победа. Петар студира право.
Со него поразговаравме за овој голем подвиг и успех на македонското карате, но и за неговите соништа во спортот и кариерата. Учествувале повеќе од 1.000 каратисти од 51 држава. Секоја држава е претставена од најдобриот натпреварувач во неговата категорија.
- Првата победа ја остварив против репрезентативецот на Холандија со резултат од 1-0. Во втората борба остварив победа од 3-0 над репрезентативецот на Норвешка. Третата и најнеизвесна борба ја имав против Босна и Херцеговина, каде што на судиска одлука победив со 3-2. Во полуфиналето го победив претставникот на Шкотска со 3-0. И финалната борба со репрезентативецот на Словачка го победив на судиска одлука од 5-0 - вели Спасеновски.
Титулата од Данска се надоврзува на претходните успеси на Петар. Пред нецели три години на Европското првенство во Лимасол, Кипар, освоил бронзен медал во категорија јуниори до 76 кг. На Балканското првенство во Дубровник лани го освои првото место.
Со карате се занимава од шест години. На почетокот било рекреативно, но потоа почнал да покажува голем потенцијал и работата станала сериозна.
Вели дека имало тешки периоди, ама никогаш не помислил да се откаже од овој спорт.
- Кај каратето ме привлекува тоа што е многу брз, динамичен спорт каде што е потребна голема концентрација и интелигенција во борбите. Исто така, е добар за младите генерации за правилен раст и развој и за подобрување на моторичките способности - посочува Петар.
Членува во карате-клубот „Макпетрол“. Негов тренер е Бошко Заборски.
- Благодарение на мојот карате-клуб и тренерот Заборски, ги имаме најдобрите услови за тренинг во Македонија. И сигурен сум дека нашата земја има многу потенцијал во иднина, имаме многу млади надежи и доста добро котираме на европската карате-сцена, каде што на ова европско првенство завршивме седми по вкупен пласман - вели Спасеновски.
Како и секој млад човек, и Петар сака да се забавува. Вели дека големото ангажирање во каратето му го ограничува слободното време, но дека наоѓа време за своите пријатели. Овој млад човек има визија за себе.
Петар заедно со неговиот тренер Бошко Заборски
- Со сигурност уште долго ќе останам во каратето, додека не се вратам со европски, светски, па и олимписки медал. Сигурно потоа ќе се занимавам со мојата струка, односно со правото - категоричен е Спасеновски.
Предизвиците за него не стивнуваат. Наскоро го очекува државното сениорско првенство.
Петар Спасеновски
- Ако се изборам за критериум, ќе настапам на Европското сениорско првенство во март годинава. Исто така, тука се Серија А турнирите и ВКФ Премиер лигите, преку кои освојуваме бодови за подобро котирање на ВКФ ранг-листата - објаснува Петар.