X
 03.11.2021 Наша тема

Младинската декларација бара да се воведе образование за климатски промени со учење преку искуство

Младинската декларација за климатски промени, освен децентрализирано производство на енергија со фокус на енергетски задруги, особено за соларна енергија, бара и креирање простор за младите да ги предводат решенијата, како и да се воведе образование за климатски промени со учење преку искуство


Јавните и приватните институции да поттикнуваат децентрализација на производството на енергија со создавање поволна околина за обновливите извори на енергија, особено на соларната енергија. Ова е едно од петте барања на Младинската декларација за климатски промени која беше усвоена на Младинскиот самит за климатски промени што се одржа минатата недела во Скопје, со поддршка од УНИЦЕФ, италијанската, шведската и британската амбасада.

Младинската декларација повикува на меѓугенерациска солидарност и лидерство на сите институции, бидејќи Индексот на УНИЦЕФ за климатски ризик за децата открива дека една милијарда деца се во „екстремно висок ризик“ од влијание на климатските промени, а тоа се речиси половина од сите деца. Тие го носат најголемиот товар од климатските промени. Справувањето со климатските промени е една од целите за одржлив развој на Обединетите нации, кои пред три дена одбележаа 76 години од своето основање.

Колку е досега вложено во обезбедувањето услови во институциите во кои престојуваат децата за справување со климатските промени и какви се плановите да се поддржи ова барање на младите, од Министерството за образование и наука велат дека постојано вложуваат во подобрувањето на инфраструктурата во училиштата за да обезбедат подобри услови за едукација на учениците и подобри услови за работа на наставниците.

- Годинава се обезбедени 1 милијарда денари за капитални инвестиции, што е за 2,5 пати повеќе од лани. Предвидовме изградба на 6 капитални објекти – нови училишта или доградби, заокружување на изградбата на нов студентски дом во Тетово, изградба на спортски сали во 7 училишта, рехабилитации на 10-ина училишни објекти. Активностите етапно се заокружуваат. Новите градби се енергетски ефикасни, а при реконструкција на објектите се подобрува нивната енергетска ефикасност доколку одобрениот проект предвидува рехабилитација на позиција поврзана со тоа, како што е замена на фасада, надворешни прозорци, покривна конструкција - велат од Министерството за образование (МОН).



Оттаму додаваат дека средствата за капиталните инвестиции се од нивниот буџет, како изградбата на 145 спортски сали и реконструкција на училиштата, но и од заем од Банката за развој при Советот на Европа.

- Овие активности се финансираат и преку заем од Светска банка за проекти за унапредување на основното образование, а меѓу нив и за вложување во образовната инфраструктура. Проектот е во вредност од 21,5 милион евра - велат оттаму.

Со младинската декларација, освен децентрализирано производството на енергија со фокус на енергетски задруги, особено за соларна енергија, се бара и креирање простор за младите да ги предводат решенијата, како и да се воведе образование за климатски промени со учење преку искуство.

Од МОН велат дека подобрувањето на условите во училиштата за да постигнат енергетска ефикасност е обврска на локалните самоуправи, но дека годинава помогнале и во обезбедување средства за работа за модернизација на наставата.

- Годинава беа набавени и 265 кабинети по природни науки со кои значително се олеснува и модернизира наставата во основните училишта. Им помогнавме на општините преку блок-донации да набават интерактивни табли, нагледни средства и слично, набавивме 40 интерактивни табли за дел од училиштата во општините што немаа доволно средства за оваа намена - велат од МОН.

Тие велат дека интензивно се работи и на проект за кој Владата потпиша договор со „KfW Development Bank“ за реконструкција на 9 студентски дома во државата.

- Со договорот се обезбедуваат 25 милиони евра, со кои студентските домови ќе станат енергетски ефикасни, а предвидено е активностите да бидат заокружени во 2024 година.

За барањето на младите да се обезбеди образование за климатски промени, од Министерството велат дека едукацијата за енергетска ефикасност е предвидена со новата Концепција за основно образование.

- Започна и етапна изработка и примена на нови наставни програми. Од оваа година за прво и четврто одделение, со новите материјали за учење, се посветува повеќе внимание за стекнување низа основни, граѓански вредности, а меѓу нив секако се заштитата на животната средина и приспособувањето кон климатските промени - велат од МОН и додаваат дека наставниците освен преку редовната настава, свеста кај младите за климатските промени може да ја подигнуваат и преку дополнителни активности.

Со промените во средното образование, како што велат, учениците се насочуваат кон конкретна иницијатива за посериозно, па дури и за професионално дејствување во областа на заштита на животната средина и климатски промени, по завршување на образовниот процес.
- Учениците се насочуваат кон избирање зелени работни места, кои придонесуваат кон намалување на загадувањето и правилно управување со отпадот, кон ефикасно искористување на природните извори на енергија, кон зголемена енергетска ефикасност - велат од МОН.
Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема