X
 14.10.2019 Живот

Што може да нѐ научи Јапонија за чистотата?

Учениците седат со ранците на клупите, едвај чекаат да се вратат дома по одржаните седум часа од по 50 минути. Внимателно го слушаат наставникот додека ги известува за утрешниот распоред. Потоа, како и секој ден, последните зборови на наставникот за тој ден се: - Добро, списокот за чистење денес. Првата и втората редица ќе ја чистат училницата. Третата и четвртата - ходникот и скалите. А петтата - тоалетите.

Учениците стануваат, ги земаат метлите, четките и кофите од шкафот што се наоѓа на задниот дел од училницата и се упатуваат кон тоалетите. Слична е сцената во сите училишта низ Јапонија.

Повеќето што првпат ја посетуваат Јапонија се изненадени од тоа колку е чиста. А потоа забележуваат дека нема канти за ѓубре. Ниту улични чистачи. Останува прашањето: Како Јапонија останува толку чиста?

Одговорот е - самите жители ја одржуваат чистотата.

- Во текот на 12-годишното училишно образование, од основно до средно, времето за чистење е дел од дневниот распоред на учениците - вели Маико Авејн, помошник-директор на канцеларијата на префектурната влада на Хирошима.

- Родителите нè учат дека е лошо ако не ги одржуваме нашите работи и просторот чисти - додава тој.

Вклучувањето на овој елемент во училишната програма им помага на децата да развијат свест и гордост за нивната околина. Кој сака да го валка и уништува училиштето ако треба сам да го чисти?

1
Фото: Alamy/Ian Dagnall


- Понекогаш не сакав да го чистам училиштето. Но, прифатив бидејќи беше дел од нашата рутина. Мислам дека оваа навика е добра затоа што учиме дека е важно да преземеме одговорност за чистењето на работите и местата што ги користиме - вели хонорарниот преведувач Чика Хајаши.

Кога пристигнуваат на училиште, учениците ги оставаат чевлите во шкафчињата и ставаат патики. И дома луѓето ги соблекуваат чевлите. Дури и работниците што доаѓаат во вашите домови ги соблекуваат чевлите и низ вашиот дом одат по чорапи. Како што растат децата, нивниот концепт за она што го сочинува нивниот простор се протега надвор од училницата и ги вклучува соседството, градот, а потоа и државата. Некои примери на екстремна јапонска чистота станаа познати низ целиот свет, како што е 7-минутниот ритуал за чистење на возот што стана туристичка атракција.

Дури и фудбалските фанови на Јапонија практикуваат да чистат. За време на Светското првенство во Бразил во 2014 година и во Русија во 2018 година навивачите на националниот тим го воодушевија светот затоа што си го исчистија ѓубрето од стадионот. И фудбалерите ја оставиле соблекувалната во беспрекорна состојба.

- Каков пример за сите тимови! - напишал на „Твитер“ генералниот координатор на ФИФА, Присила Џансен.

2
Фото: Alamy


- Ние, Јапонците, сме многу чувствителни за нашата репутација во очите на другите. Не сакаме другите да мислат дека сме лоши луѓе кои немаат доволно образование и воспитание, па ги оставаат работите неисчистени - вели Авејн.

Слични се сцените и на јапонските музички фестивали. И таму публиката го чува ѓубрето додека не најде канта. На пушачите им е наложено да си носат пепелник и да се воздржат од пушење таму каде што чадот може да им влијае на другите луѓе, пишува веб-страницата на фестивалот.

Примери за социјална свест можат да се забележат и во секојдневниот живот. Околу 8:00 часот наутро канцелариските работници и вработените во продавниците ги чистат улиците околу нивното работно место. Децата доброволно се пријавуваат за месечно чистење на заедницата, собирајќи ѓубре од улиците близу нивното училиште. Соседствата, исто така, одржуваат редовни настани за чистење на улиците. Не дека треба многу да се чисти, затоа што луѓето го носат своето ѓубре дома.

Дури и банкнотите излегуваат од банкоматите чисти, како свежо пеглана кошула. Како и да е, парите се валкани, па затоа никогаш не се ставаат во нечија рака. Во хотелите, продавниците, па дури и во такси-возилата постои мал послужавник каде што се оставаат парите.

Бактериите се уште еден извор на грижа. Кога луѓето се настинати или имаат грип, носат хируршки маски за да избегнат ширење на заразата. Овој едноставен начин на земање предвид на туѓото здравје го намалува ширењето на вирусите, а со тоа се заштедува богатство во изгубени работни денови и медицински трошоци.

Па, како Јапонците станале толку свесни за чистотата?

3
Фото: Chris Wilson/Alamy


Ова не е нешто ново и потекнува од 1600 година. Во некои книги пишува дека Јапонците биле згрозени од непочитувањето на Европејците кон личната чистота.

Делумно, ова преокупирање се родило од практични проблеми. Во топла, влажна околина каква што е Јапонија, храната брзо се расипува. Бактериите цветаат. Така што, добрата хигиена значи добро здравје. Но, оди подлабоко. Чистотата е централен дел на будизмот, кој пристигнал во Кина и во Кореја помеѓу 6 и 9 век. Всушност, во зен-верзијата за будизам дневните задачи како чистење и готвење се сметале за духовни вежби и биле нешто слично на медитирањето.

- Во зен, сите секојдневни активности, вклучувајќи го и јадењето и чистењето на просторот, мора да се сметаат како можност за практикување на будизмот. Миењето на нечистотијата и физички и духовно игра голема улога во секојдневната практика - вели Ерико Кувагаки од храмот Шиншојии во Фукујама, префектурата Хирошима.

Зошто не се сите будистички нации толку ревносно чисти како Јапонците? Па, долго пред доаѓањето на будизмот Јапонија веќе имала своја автохтона религија: шинито (што значи „патот на боговите), која ја збогатувала самата душа на јапонскиот идентитет. Чистотата лежела во срцето на шинито. На Запад се смета дека чистотата е веднаш до побожноста. Во шинито, чистотата е побожност. Значи, акцентот на будизмот врз чистотата само го засилил она што веќе го практикувале Јапонците.

Ако живеете во Јапонија, брзо ќе се приспособите и ќе го усвоите овој начин на живот. Престанувате да го дувате носот во јавноста, ќе ги користите рачните кремови за дезинфекција што се наоѓаат во продавниците и канцелариите и ќе научите да го сортирате ѓубрето од домаќинството во 10 различни типа за да го олесните рециклирањето.

Потоа, кога ќе се вратите во вашата земја, ќе бидете шокирани од варварите што ви киваат и ви кашлаат в лице. Или кога некој ќе ви влезе дома со валкани чевли. Незамисливо за Јапонија.

Но, сепак, има надеж. На крајот на краиштата, им требаше повеќе време на „Покемон“, сушито и телефоните со камера да го освојат светот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот