Многу луѓе сакаат светот да се врати во нормала по пандемијата. Некои земји веќе ги укинаа мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, а Обединетото Кралство повеќе нема да бара задолжителна изолација на заразените лица.
Меѓутоа, експертите велат дека дури и доколку другите земји ги укинат мерките, светот нема да биде ист како пред пандемијата. Кристина Пејџел, професор на Универзитетот УЦЛ во Лондон, наведува неколку начини на кои светот треба се бори со коронавирусот во иднина.
Според неа, може да се очекува поголемо вложување во инфраструктура која ќе ја подобри вентилацијата на воздухот во затворените простори.
Вакцините остануваат клучни и треба да се вакцинира целиот свет што побргу за да се спасат животи и да се забави појавувањето на нови соеви. Истовремено, треба да се работи и на создавање вакцини кои ќе нудат подолгорочен и посилен имунитет.
Фото: Pixabay
Повеќето земји веќе имаат начини како да ги следат заболувањата со одредени болести, па треба да воведат постојани методи за следење на коронавирусот во иднина. Пејџел додава дека треба да се инвестира во подобро разбирање, спречување и третирање на коронавирусот бидејќи малку се знае за долгорочното влијание на ковид-19.
Ќе бидат потребни и дополнителни инвестиции во здравството, но и во намалувањето на нееднаквоста помеѓу жителите.
Конечно, ќе има уште бранови на ковид-19 во иднина, иако тие веројатно ќе бидат поретки и послаби, но државите треба да имаат план за соочување со нив. Овие планови би можеле да вклучуваат зголемено тестирање или привремено воведување мерки. Тие треба да помогнат да се одбегнат долги и тешки бранови кои ќе бараат построги мерки.
- Одбивањето да научиме како да живееме со ковид-19 со преправање дека старото нормално постои всушност е најголемиот ризик за идни ограничувања - пишува Пејџел.
Извор:
The conversation
Насловна фотографија: Pixabay