X
 25.02.2023 Живот

Ватикан - државата со најмала војска во која никој нема своја адреса

Официјално Ватикан е најмалата независна земја во светот, како по површина така и според населението, според статистиката на Обединетите нации. Се наоѓа во центарот на Рим и има површина од само 44 хектари, а некои автори наведуваат дека земјата е со големина на терен за голф. Интересно е што дури 22 хектари од вкупната површина се одвоени за градини, кои се меѓу највпечатливите во светот. По целата граница од околу 3 километри има градски ѕидини изградени за заштита на папата. Ватикан е толку мал, што нема посебна адреса.

Папите не секогаш живееле во Ватикан


Како држава, Ватикан е формиран во 1929 година, а на чело на оваа држава се наоѓа папата. Неговата позиција не е наследена, туку заработена, а избраниот монарх има апсолутна власт.

Иако повеќето луѓе мислат дека папите отсекогаш го нарекувале Ватикан дом, тоа всушност се случило дури во 14 век. Во почетокот папите живееле во Латеранската палата, која се наоѓала во близина на Рим. Ватикан има безброј тајни премини кои некогаш ги користеле папите за побрзо да одат од една до друга локација.

Ватикан е земја со најмало население


Според пописот од 2019 година, во Ватикан живеат 825 луѓе. Сепак, само 450 од нив имаат државјанство на Ватикан, додека преостанатите имаат дозвола за престој, привремено или трајно, без да добијат државјанство. Ватиканското државјанство не се наследува, туку се стекнува. Државјанството се заснова на деловен аранжман и се однесува на потесното семејство на оние што работат таму. Кога ќе заврши работниот однос, тие повеќе не се државјани на Ватикан.

Околу половина од граѓаните на Ватикан не живеат во државата. Поради нивното занимање, најчесто како дипломатски персонал, живеат во различни земји низ светот. Официјалните јазици на Ватикан се италијански и латински, а се зборуваат и англиски, француски, германски и шпански.

Ватикан е многу интересна и атрактивна туристичка дестинација која привлекува со своите уметнички богатства и споменици. Едни од најголемите светски достигнувања во областа на културното наследство се базиликата „Свети Петар“ и Сикстинската капела.

1
Фото: Wikipedia

Голем пресврт се случил во 62 година од новата ера


Голем пожар го зафатил поголемиот дел од Рим и го уништил градот, а царот Нерон отворено ги обвинил христијаните за тоа. Нерон ги казнувал христијаните со смрт, а тие казни се случиле токму на ридот Ватикан. Дури кога било признаено христијанството, за време на владеењето на царот Константин, почнала изградбата на базиликата „Свети Петар“.

Ватикан ја има најмалата војска и најкратката железница во светот


Ватикан ја има најмалата и најстара војска во светот, Швајцарската гарда, која ја основал папата Јулиј II на 22 јануари 1506 година, а била составена од швајцарски платеници. Гардата има 110 члена, кои се одговорни за непосредна заштита на папата, чувајќи ги неговите резиденции, а служат и за протоколарни цели како почесна стража.

Во Ватикан има хелиодром и железница која ја поврзува железничката станица до катедралата „Свети Петар“ со италијанската железничка мрежа. Железничката линија е долга 300 метри, што ја прави најкратката железница во светот. Ватикан е 120 пати помал од њујоршкиот Менхетен и е единствената земја во светот што има латински на банкоматите.

Нема бруто-домашен производ бидејќи не произведува и не тргува како другите земји. Финансиран е од туризам и донации. Исто така, уште една интересна работа е што во оваа земја нема даноци. Во Ватикан, наводно, сè уште се вршат егзорцизми. Иако егзорцизмот се смета за минато, во Ватикан има група свештеници кои се специјализирани за овој вид ритуали.

3
Фото: Freepik

Бурните односи меѓу Рим и Ватикан


Помеѓу Ватикан и италијанската влада отсекогаш имало турбулентна историја бидејќи долги години имало конфликт меѓу политичките и верските лидери.

Државата Италија не била обединета до 1870 година, но дотогаш папите управувале со група суверени држави во централна Италија.

Ова предизвикало тензии меѓу владата и папата бидејќи владата ја задржала контролата врз сите земји што ги опкружуваат папските држави, што на крајот доведе до студена војна меѓу Ватикан и политичките власти. Ниту еден од нив не го признал авторитетот на другиот, а во знак на протест, папите одбивале да го напуштат Ватикан цели 60 години.

Откривање на „тајните на Ватикан“


Експертите на групата „Скриниум“ седум години ги проучувале оригиналните записи од судењето на темпларите. Списите ги проучувале со УВ-ламба бидејќи напишаните зборови избледеле. Така настанала книгата „Processus contra Templarios“, една од книгите што се занимаваат со прашањето за откривање на ватиканските тајни. Имено, архивата на Ватикан содржи 85-километарски полици полни со документи кои бележат речиси 800 години историја, изјави еднаш Фердинанд Санторо, претседател на „Скриниум“.

Најстариот документ е од 8 век, а тоа е „Liber Diurnus Romanorum Pontificium“, чија содржина го открива начинот на работа на папската канцеларија. Од таа ера потекнуваат и најстарите монголски документи бидејќи во архивата има многу странски документи.

Во моментов се работи на откривање на реформистичките идеи на папата Родриго Борџија. Научниците веруваат дека доколку папата успеел во својата намера, Мартин Лутер веројатно би бил спречен да го изврши протестантскиот пуч и отцепувањето на дел од црквата.

Постојат делови од тајните архиви на Ватикан кои сè уште се целосно недостапни за надворешниот свет, и се забранети и тајни. Сепак, оваа забрана се однесува конкретно на сите документи создадени по 1939 година.

Извор: b92.net
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот