X
 25.03.2020 Економија

Мерките што ги преземаат државите за поддршка на компаниите погодени од коронавирусот

Македонската Влада неодамна најави план за доделување бескаматни кредити и субвенции за придонеси на вработените во малите и средните претпријатија што се погодени од коронавирусот во земјава. Обезбедени се речиси 12 милиони евра за оваа намена, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска. Во тек се преговори со Европската инвестициска банка за пренаменување на дополнителни 50 милиони евра кои би им биле достапни на компаниите во облик на бескаматни кредити. Ангеловска изјави и дека земјата ќе позајми околу 600 милиони евра кои ќе бидат искористени за да се задржи ликвидноста на буџетот и да се обезбедат работните места во текот на кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот. 


Но, кои мерки досега ги презедоа другите држави низ светот?


Фото: Pixabay

САД

Претседателот Доналд Трамп на почетокот од март одобри да се издвојат 8,3 милијарди долари наменети за финансирање различни активности во борбата против коронавирусот, како финансирање истражувања за вакцина и финансиска помош на локалните власти. Според друга уредба, која треба да биде одобрена во Сенатот, се покрива и бесплатно тестирање за вирусот, повеќе поволности за оние што ќе останат без работа, дополнителни фондови во програмата за здравствено осигурување „Медикејд“ и предлог за плаќање платен одмор за работници погодени од Ковид-19.

Земјата го одложи и плаќањето на данокот за индивидуалците и бизнисите, продолжувајќи го рокот за 90 дена, до 15 април. На 17 март Трамп предложи пакет за стимулација на економијата вреден 1 трилион долари. Во моментов течат преговорите со Конгресот, кој треба да го одобри пакетот. Во пакетот се вклучени 500 милијарди долари за директно исплаќање чекови со вредност од 1.000 долари на сите граѓани, 50 милијарди долари за спасување на авионската индустрија, како и 500 милијарди долари кои ќе им бидат доделени на малите компании и за други поврзани трошоци.

Во пакетот е вклучено и намалување на годишниот данок на граѓаните за 1.200 долари, но и чек од 500 долари за секое дете во одредени семејства. Се предлагаат и 300 милијарди кои би биле наменети за кредити за малите бизниси со најмногу 500 вработени. Дел од кредитите не мора да бидат вратени доколку компаниите не отпуштат вработени до крај на јуни. Се предлагаат и 50 милијарди за кредити за патничките авионски компании, 8 милијарди за кредити за авионските агенции кои пренесуваат карго, 150 милијарди долари за кредити за други бизниси што ќе бидат погодени од коронавирусот.

Во друг предлог на Претставничкиот дом се бара компаниите задолжително да им дадат две недели платен одмор на вработените.

Велика Британија

Во Велика Британија централната банка претставила мерки за стимулирање кои вклучуваат намалување на каматните стапки, намалување на капиталните барања за банките и дозволување да се користат резервите за доделување речиси 390 милијарди долари во облик на нови кредити.


Фото: Pixabay

Британскиот министер за финансии Риши Сунак на почетокот од март претстави буџет кој вклучува речиси 37 милијарди долари наменети за фискална стимулација. Тука се предвидува намалување на даноци за трговците, грантови за малите бизниси, уредба за овозможување платено боледување за луѓето кои треба да се во самоизолација и субвенција за покривање на трошоците за боледување за малите бизниси, како и поголем пристап до владините додатоци за самовработените и невработените.

Подоцна државата претстави и дополнителни 379 милијарди долари за кредити за бизнисите и 23 милијарди долари за намалување на даноците на бизнисите, како и финансирање грантови за погодените компании. 

Германија

Германија ѝ даде дозвола на државната банка да дава заеми во износ од вкупно 610 милијарди долари на компаниите погодени од коронавирусот.

Франција

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер претстави пакет за помош вреден 49 милијарди долари во кој се предвидува намалување на даноци, додатоци за луѓето кои мора да работат со половина работно време, како и фонд за помош на малите продавници и оние што се самовработени. Министерот рекол и дека ќе се овозможат гаранции за банкарските заеми во вредност до 327 милијарди долари со кои ќе им помогнат на бизнисите.


Фото: Pixabay

Италија

Италија претстави бизнис-план од 28 милијарди долари поделен во два пакети за трошење. Во пакетите се вклучува издвојување пари во фонд со кој ќе се гарантираат кредити за мали и средни претпријатија, пари за компаниите што биле тешко погодени од вирусот и помош за работниците што ќе останат без работа.

Јужна Кореја

Јужна Кореја претстави пакет за стимулација вреден 9,8 милијарди долари. Во него се вклучени субвенции за малите и средните претпријатија наменети за плати на работниците, субвенции за дете и обука на луѓе што останале без работа.

Јапонија

Јапонија одобри два пакети за заеми за мали бизниси, од кои еден е вреден 4,6 милијарди долари, а другиот е вреден 15 милијарди долари. Државата одвои и 4 милијарди долари за повеќе програми, како зголемување на производството на маски и стопирање на ширењето на вирусот во старските домови.

Извор: investopedia.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија