Ново истражување покажува дека слушањето звуци од природата, како оние во националните паркови, може да го намали стресот и да помогне во намалување на болките.
Истражувачи од Универзитетот „Карлтон“, Универзитетот на Колорадо и Универзитетот на Мичиген соработувале со американската агенција што е одговорна за националните паркови во земјата, „Нешнал паркс сервис“, за да анализираат 18 претходни истражувања за здравјето и звуците од природата.
Нивните резултати покажуваат дека слушањето звуци од природата може да намали болка и стрес, да ги подобри расположението и когнитивните функции и многу повеќе. Во истражувањето има и подетални анализи на посебните звуци и нивното влијание врз човечкото здравје. Меѓу другото, се покажува дека звуците од птиците најмногу придонесуваат за намалување на стресот.
Фото: Pixabay
Сè уште не е јасно зошто добро реагираме на звуците во природата, но постојат некои теории. Можеби уживаме во звуци на течење на вода бидејќи ни треба вода за да преживееме, па овие звуци нè смируваат. Освен тоа, можеби звуците од природата се помалку заканувачки од звуците што ги прават луѓето.
Истражувачите анализирале и звуци од 221 локација во 68 национални паркови во САД и заклучиле дека на околу 75% од локациите може да се слушнат биолошкки звуци (од птици и други животни). Геофизичките звуци (вода, ветер и слично) може да се слушнат на речиси 41% од локациите.
На сите овие локации чести биле и звуците предизвикани од луѓето, како зборување или автомобили. Само на околу 11,3% од локациите немало многу човечки звуци.
Автор: Елен Гутоски
Извор:
mentalfloss.com