X
 31.05.2019 Здравје

СЗО официјално ја призна исцрпеноста од работното место како медицинска состојба

Ако често се чувствувате исцрпени или вашиот ум талка додека сте на работа, Светската здравствена организација има дијагноза за вас: исцрпеност.

Првпат СЗО официјално ја класифицира исцрпеноста на работното место како професионален феномен во најновата ревизија на Меѓународната класификација на болестите. Претходно исцрпеноста беше дефинирана како „состојба на витална исцрпеност“.

- Исцрпеноста е синдром што се појавува по хроничен стрес на работното место. Исцрпувањето конкретно се однесува на феномени во професионалниот контекст и не треба да се применува за да се опишат искуствата во другите области од животот - изјави СЗО.

исцрпеност

Организацијата вели дека исцрпеноста се класифицира според три фактори:

- Чувство на истрошеност на енергијата; - Зголемена ментална дистанца од работата или чувства на негативизам или цинизам поврзани со нечија работа; - Намалена професионална ефикасност.

Исцрпеноста е вклучена како причина поради која луѓето можат да побараат здравствените услуги. Некои дури и го обвинуваат синдромот дека ги притиска вработените во медицинската професија да извршат самоубиство поради интензивен стрес.

- Синдромот сега е епидемија - вели Дан Швабел, директор за истражување на компанијата за човечки ресурси „Идно работно место“. Според него, овој проблем во иднина ќе се влоши.

- Во суштина, работниците се искористуваат. Како резултат на тоа, тие се исцрпени и под голем стрес - вели тој.

Швабел додава дека исцрпеноста стана проблем со зголемувањето на работата на вработените и тие сметаат дека не е им е даден соодветен надоместок. Иако вработените имаат одмор, Швабел вели дека честопати се под притисок да не ги земаат слободните денови. Тој додава дека технологијата игра улога во зголемувањето на исцрпеноста бидејќи вработените често мора да одговорат на пораки или повици надвор од работното време.

- Немањето телефон е нов одмор - вели Швабел.

Исцрпеноста не само што негативно влијае врз работниците туку синдромот го саботира задржувањето на едно работно место. Истражување од 2017 година покажало дека 95 отсто од лидерите за човечки ресурси изјавиле дека овој синдром ги тера вработените да не се задржуваат на истото работно место. Освен тоа, СЗО истакна дека исцрпеноста го спречува и професионалниот успех.

Според Швабел, компаниите немаат поттик да ги променат средините што предизвикуваат исцрпеност. Посилните закони и повеќе синдикати би помогнале во заштитата на работниците.

СЗО изјави дека планира да развие насоки базирани на докази за благосостојбата на работното место.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје