Луѓето-шпиони наскоро ќе бидат дел од минатото. Дан Мејерикс, заменик-директорка за технолошки развој во американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), неодамна изјави дека ЦИА се адаптира на новиот пејзаж, каде што примарниот противник е машина, а не странски агент.
Таа додаде дека другите земји со години се потпираат на вештачката интелигенција за да следат агенти кои работат за непријателите. Мејерикс ги објасни тешкотиите со кои се соочуваат шпионите на ЦИА обидувајќи се да живеат под претпоставен идентитет во ерата на дигиталното следење и социјалните медиуми, што посочува дека модерниот свет станува негостољубива средина за луѓето-шпиони.
Но, ЦИА нема да се предаде. Најстарата американска шпионска агенција се трансформира од агенција која испраќа луѓе низ целиот свет за да собере информации во агенција што користи компјутери за поефикасно да ја исполни таа задача. Повеќе од 30 години ЦИА се подготвуваше за транзицијата од луѓе на компјутери.
Фото: Pixabay
Владините документи од 1984 година опишуваат „Група за управување со вештачка интелигенција“, формирана претходната година. Групата имаше одговорност да им обезбеди на шефовите на ЦИА месечни извештаи за состојбата на истражувањата и развојот на вештачката интелигенција.
ЦИА ја препозна иднината која ја претставуваше таа вештачка интелигенција дури и кога повеќето луѓе мислеа дека тоа е научна фантастика. Документот повикува на поинтензивно тренирање на агентите и фокусирање на поддршка на развивачите на вештачката интелигенција и во академската и во професионалната околина.
Денешните шпиони го имаат истиот проблем како оние од минатото: потребата да бидат невидливи. Сменет е само непријателот. Наместо да ги мамат луѓето со лажни документи и добри лаги, агентите мора да ги мамат компјутерите кои можат да лоцираат едно лице во толпа луѓе.
Според Мејерикс, најмалку 30 земји имаат способност да го прават ова со CCTV камерите, попознати како видеонадзор. И тоа значи дека контраразузнавачките алатки имаат предност во меѓународната игра на криенка, која всушност е глобалната разузнавачка заедница.
Со неколку напредоци во сателитското следење и геоспацијалната интелигенција, човековиот вид нема да има шанса против идната генерација на вештачката интелигенција.
Секогаш сме мислеле дека шпионите како Џејмс Бонд имаат најинтересни
гаџети, но сега гаџетите ги заменуваат нив.