X
 26.01.2019 Наука

Пушењето ја зголемува вашата биолошка возраст, вели вештачката интелигенција

Со векови луѓето се обидувале да го спречат стареењето. Повеќето производи што се користат за тоа се дискутабилни. Но, еве една програма против стареење која веројатно е ефикасна: не пушете.

Производителот на вештачка интелигенција „Инсилико медисин“ дизајнира нов тест за мерење на ефектите што цигарите ги имаат врз човековата биологија.

Користејќи модели за предвидување на возраста развиени од техниките за длабоко учење, истражувачите успеале да анализираат голем број биохемиски маркери.

На почетокот на студијата истражувачите направиле предвидувања. За да го направат истражувањето, им бил даден пристап до податоците од анонимни резултати од броење на клетки и анализи на крв на жители на Алберта, Канада. Имало вкупно 149.000 лични досиеја.



За жените пушачи било предвидено дека се двапати постари од нивната реална хронолошка возраст за разлика од непушачите, додека за мажите пушачи било предвидено дека се еден и пол пат постари од нивната реална хронолошка возраст во споредба со непушачите. Резултатите сугерираат дека анализите со длабоко учење на рутинските тестови на крв може да бидат дополнение или да го заменат моменталниот метод на самопријавување на статусот на пушење, кој е склон на грешки, и може да се прошири и да го проценува влијанието на другите фактори од околината и начинот на живот врз стареењето.

Истражувачите забележуваат дека населението старее во целиот свет. Со повеќе постаро население, зголемувањето на здравствените проблеми ќе биде неизбежно.

- Пушењето е реален проблем кој го уништува здравјето на луѓето, предизвикува предвремена смрт и често е причина за многу сериозни болести. Ние применивме вештачка интелигенција за да докажеме дека пушењето значително ја зголемува вашата биолошка возраст - вели Полина Мамошина, истражувач од „Инсилико“.

На пример, пушачите под 40 години имаат значително повисока биолошка возраст во споредба со нивната хронолошка возраст. Интересно е што овој ефект исчезнува кај пушачите постари од 80 години. Истражувачите веруваат дека ова може да е така зашто голем процент од пушачите умираат пред да ја доживеат таа возраст.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука