X
 25.04.2023 Економија

Светот потрошил 2,24 илјади милијарди долари за вооружување минатата година

Поради војната во Украина, потрошувачката за одбрана се зголемила на 2,24 илјади милијарди долари изминатата година. Истражувачи од шведскиот институт „Сипри“ проценуваат дека глобалната воена потрошувачка се зголемила за 3,7 отсто во 2022 година, во споредба со претходната година. 

Војната во Украина е една од главните причини за растот на воените буџети. Аналитичарите посочуваат дека неколку држави освен што значајно ги зголемиле воените трошоци по почетокот на војната во Украина, планираат и дополнително да ги зголемуваат воените буџети во следните години.

САД имаат најголем воен буџет во светот со 877 милијарди долари во 2022 година, што е зголемување за 0,7 отсто во споредба со 2021 година. Кина е на второ место со 292 милијарди долари, пораст од 4,2 отсто.

Русија е на трето место со 86,4 милијарди долари во 2022 година, што е зголемување за 9,2 отсто од 2021 г. Индија се наоѓа на четврто место, а Саудиска Арабија на петто место. Следуваат Велика Британија, Германија и Франција.

Кога станува збор за Украина, воениот буџет на земјата се зголемил за 640 отсто во 2022 година, на 44 милијарди долари, надминувајќи ги буџетите на Италија, Австралија и Канада. Истражувачите пресметале дека Украина во 2022 година вложила околу 24 отсто од својот бруто-домашен производ (БДП) за вооружување, што е светски рекорд.

Гледано како процент од БДП, САД потрошиле околу 3,5 отсто од БДП за вооружување во 2022 година, Кина 1,6 отсто, а Русија 4,1 отсто. НАТО поставува цел од 2 отсто од БДП за воен буџет.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија