X
 16.04.2018 Живот

Најкритичните жаришта што можат да преминат во глобален конфликт

Последниот наводен напад со хемиско оружје во Сирија минатата недела ги доведе американско-руските односи до точка на вриење, што во саботата наутро резултира со воздушни напади на Сирија. На нашата планета, според процените на аналитичарите, има уште 11 други кризни жаришта кои се закануваат на глобално ниво.

Американскиот центар за превентивно дејствување при Советот за меѓународни односи неодамна го објави својот годишен извештај наречен „Превентивни приоритети“, кој ги изделува глобалните жаришта што можат да прераснат во големи војни следната година. Податоците во извештајот се базираат на истражување на центарот, а на него работеле експерти, додека потенцијалните опасности се поделени во неколку категории.

Во категоријата со највисок приоритет, со оглед на најновите настани и напади во Сирија, секако, е натамошната ескалација на конфликтот во таа земја.


Фото: Tportal.hr

Всушност, по минатонеделниот напад во Гута, за кој има сомневања дека е извршен со хемиско оружје, западните сојузници во саботата извршија напади над Сирија како одмазда за наводната употреба на хемиско оружје против својот народ.

- Историјата ќе забележи дека на овој ден Русија избра да заштитува чудовиште, а не животот на сирискиот народ - изјави претходно американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, додека говореше за сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Рускиот амбасадор во Либан, Александар Засипкин, пак, рече дека секоја американска ракета што ќе биде упатена кон Сирија треба да се сруши, а местото од каде што била испалена да се нападне.

Во категоријата најризични области на светот е, секако, и Корејскиот Полуостров, каде што повеќе од половина век тлее опасност од севернокорејската нуклеарна закана. Иако лидерите на двете Кореи успеаја да договорат средба која треба да помогне во решавањето на нивните затегнати односи, заканата - според процените на аналитичарите - сè уште е актуелна.



Фото: Tportal.hr

Недалеку од Корејскиот Полуостров, односно во Источното Кинеско Море, постои уште една критична точка. Во 1980 година во ова море се откриени богати нафтени полиња. Нивната употреба е предмет на расправа на државите што се наоѓаат во околината, а тензиите меѓу Кина и Јапонија се зголемуваат од ден на ден, особено откако Токио пред пет години ги национализира спорните острови кои Јапонците ги нарекуваат Сенкаку, а Кинезите Дијаоу. Оттогаш кинески бродови често се шетаат во оваа зона провоцирајќи ја јапонската морнарица на која во патроли често ѝ се придружува и американската Пацифичка флота. Островите се наоѓаат во близина на важни поморски патишта и водите околу нив се богати со риба, а според некои тврдења, има и подводни наоѓалишта на нафта, што е доволна причина за зголемените тензии меѓу Пекинг и Токио.

Малку појужно, во Јужното Кинеско Море, постои уште една точка на судир која вклучува неколку земји од Јужна Азија. Тоа е, всушност, важен поморски центар, кој освен Кина, го сакаат и Филипините, Брунеј, Малезија, Тајван и Виетнам. Освен транспортната важност, тоа е област за која се верува дека е богата со руди и други суровини. На овој стратешки важен морски пат поморски вежби не изведуваат само САД, туку дејствуваат и кинеската и јапонската воена морнарица, како и понекоја морнарица на југоисточните земји - со што се зголемуваат тензиите и опасноста од инциденти на море, за кои воените аналитичари укажуваат дека многу лесно може да се претворат во отворен конфликт.

Авганистан како плодна почва за ширење на тероризмот на глобално ниво со години им е трн в око на светските сили, особено на САД, чии сили сè уште се присутни во овој дел на Азија. Вашингтон од 2001 година за операции во Авганистан потроши речиси 1.000 милијарди долари, додека американскиот Конгрес за 2018 година го одобри доделувањето на дополнителни 45,9 милијарди долари за операција за неутрализирање на талибанците. Но, талибанците сè уште одбиваат да седнат на преговарачка маса со авганистанската влада и американски официјални претставници тврдат дека практично нема напредок во авганистанскиот мировен процес.

Ништо подобро не е ни во Јемен, каде што од 2015 година беснее граѓанска војна. Конфликтот има свои корени и во верските и во племенските поделби во земјата, како и во политичките тензии по доаѓањето на Ал Хади на власт во 2012 година. До пролетта, Хутите успеаја да ја преземат власта над целата област на поранешниот Северен Јемен и навлегоа во јужниот дел на земјата, принудувајќи го Ал Хади да го напушти главниот град Аден. Целосното преземање на земјата беше спречено со вооружената интервенција на соседна Саудиска Арабија, поради што дел од конфликтот беше пренесен на нејзината територија. Во делот на Јемен за време на судирите значајни делови од територијата презеде радикалната салафистичка група „Ансар ал Шарија“, номинално поврзана со „Ал Каеда“ на Арапскиот Полуостров, а чии делови се формално поврзани со таканаречената „Исламска држава“.

„Исламската држава“ сè уште е активна во Сирија, која во моментов е најкритичната област во светот и поради која има закана од глобален конфликт со досега невидени размери. Во конфликтот неодамна се вклучи Турција и со тенкови влезе во западниот дел на земјата да се пресмета на Курдите. Неодамна, сириските провладини сили влегоа во северозападниот регион на Африн, кој е под контрола на Курдите, за да им помогнат да се спротивстават на нападот од Турците, што може да доведе до поголема ескалација на конфликтот.

Во близина на Сирија со децении беснее конфликтот меѓу Евреите и Палестинците, кој поради неодамнешните настани во Сирија, може да добие интензитет. Минатата недела загинаа пет Палестинци, а повеќе од 400 се повредени во протестите кога палестински демонстранти се судрија со израелските војници во близина на границата меѓу Газа и Израел. Ова се случи една недела по сличен протест во кој настрадаа уште поголем број луѓе. Очајот на жителите на Газа, кои се изморени од војни, санкции, сиромаштија и немаштија, само ги зголемува тензијата и непријателство.

Ситуацијата не е подобра ниту во Африка, особено во Либија и во Нигерија. Неколку години по востанието во кое беше убиен либискиот лидер Моамер Гадафи, жителите признаваат дека им недостига долгогодишниот диктатор бидејќи ги мачат фрустрации поврзани со секојдневниот живот исполнет со прекин на електричната енергија и борбата против противничката милиција за контрола на длабоко поделената земја богата со нафта.


Фото: Tportal.hr

Нападите на „Боко Харам“ се секојдневие во Нигерија. Оваа група, која беше основана во 2002 година, се противи на она што се нарекува „неморал“ на западниот свет, особено во поглед на сексуалноста, и раширената корупција и криминал во Нигерија ја смета за резултат на влијанието на западниот свет и неисламското образование. Членовите на групата бараат муслиманското шеријатско право и исламските училишта да бидат воведени во Нигерија, а нивната цел е соборување на државната секуларна влада. Од 2009 година повеќе од 20.000 луѓе беа убиени во судирите меѓу оваа група и армијата, а 1,6 милион од нив сè уште не можат да се вратат дома.

На вооружените конфликти не е имуна ниту Европа, посебно Украина, на чиј исток од пролетта 2014 има конфликти меѓу украинските воени и паравоени формации, од една, и проруските сепаратистички паравоени формации на самопрогласените Народна Република Донецк и Народна Република Луганск, од другата страна. САД и ЕУ ја обвинуваат Русија за помагање на проруските бунтовници во Украина, откако Русија го анектира полуостровот Крим и постојано негира дека се меша во конфликтот во Украина. Разни западни медиуми известуваа дека Русија продолжува да ги вооружува проруските бунтовници во Украина и дека им дава доброволци и муниција.

На границата на САД се води војна без соперници во светот, а за која аналитичарите велат дека може трајно да ја поткопа безбедноста во овој дел од светот. Станува збор за воената кампања против наркокартелите, која поранешниот мексикански претседател Фелипе Калдерон ја започна пред 12 години. Судирите досега имаат однесено десетици илјади животи, но дополнителен проблем на власта во Мексико е фактот што картелите се вооружени исто или подобро од мексиканската армија, а поради раширената корупција, им се достапни многу информации од владата. И покрај испраќањето 45.000 војници во областите каде што владеат наркокартелите, насилството не е завршено и имаше ескалација, а во борбата против шверцерите со дрога владата испрати уште војници.


Фото: Tportal.hr

Мексикански официјални лица проценуваат дека годишните приходи од шверц со дрога се помеѓу 13 и 48 милијарди долари. Државниот буџет за силите на редот, освен армијата, изнесува 1,2 милијарда долари, а платите на полициските службеници се само 450 долари, што предизвикува корупција. Затоа големите картели имаат вистински приватни војски со 10.000 членови, вклучително и поранешни воени специјалци.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот