Патот на секој млад човек е преполн со дилеми за тоа која е вистинската образовна дестинација, но гимназијалецот Димитар Манов од меѓународното училиште „Нова“ одлучи да се едуцира на еден од најпрестижните факултети во Европа, Erasmus University Rotterdam. Вели дека пресудниот фактор, иако бил примен на повеќе светски факултети, е програмата која ја нуди овој универзитет.
- Многу ми се допадна тоа што овој универзитет става акцент на квантитативната страна на економијата како наука. Огромно внимание се посветува на математиката и статистиката и нивната релевантност за економијата. На овој начин се зголемува аналитичкиот капацитет на студентот и сметам дека тоа е исклучително важно за денешните и идните лидери од оваа област. Притоа, локацијата на универзитетот е во бизнис центар како Ротердам и фактот што градот го има најголемото пристаниште во Европа, го прават овој универзитет уште попримамлив за мене – објаснува Димитар.
Академските советници се од исклучително значење
Ученик си во училиштето „Нова“, колку советниците и професорите во оваа образовна институција ти помогнаа да ги оствариш твоите амбиции и да бидеш примен на факултетите кои ги избра?
Професорите во „Нова“ покрај тоа што се докажани експерти во својата област, исто така, се и прекрасни педагози. Секогаш ми беа на располагање, отворени за соработка и советување. Дополнително, мојата академска советничка ми помогна при изборот на факултетите и околу вистинската програма соодветна на мојот потенцијал и интерес. Исто така, сакам да напоменам дека јас сум трансфер ученик и моето патување во „Нова“ започна во втора година од средното образование. Периодот на адаптација беше доста стресен за мене, особено на академски план. Сепак, со нивната поддршка успеав да ги надминам пречките и да ја постигнам посакуваната цел.
Оваа година беше специфична за сите ученици. Дали воопшто ситуацијата со светската пандемија претставуваше пречка при аплицирањето и приемот на факултетите?
За среќа, пандемијата немаше никакво влијание врз моите универзитетски апликации затоа што повеќето од крајните рокови за аплицирање беа кон средината на јануари. За оние кои не беа, академската советничка ме охрабри да го сторам тоа што побрзо, да аплицирам порано, па така пред да започне пандемијата, имав завршено со сите апликации.
„Нова“ беше подготвена за онлајн наставата
Може ли да ни кажеш како одеше онлајн наставата во „Нова“ во текот на изминативе три месеци и како си задоволен од целиот процес?
Онлајн наставата се одвиваше многу подобро од тоа што очекував. Професорите беа добро координирани, а задачите беа соодветни за новонастанатата ситуација. Многу сум задоволен поради тоа што училиштето ги зеде предвид нашите барања, можности и жалби. На седмично ниво, од нашата директорка добивавме онлајн прашалник со којшто имавме можност за евентуална поплака, жалба или, пак, пофалба за онлајн работата на училиштето. Секако, тука е и опцијата за оналјн видеоразговор со директорката којшто го имавме еднаш седмично.
Што би издвоил како најголеми придобивки од годините минати во „Нова“?
Покрај меѓународното образование во „Нова“, добив можност да ги проширам своите хоризонти и да запознаам многу нови пријатели. Сметам дека во „Нова“ се раѓаат новите лидери од која било област, па така можам да кажам дека денес имам пријатели и познаници кои утре ќе бидат врвни професионалци во своето поле. Сето ова допринесе за мојот академски и личен развој.
Твојот фокус е економијата, бизнисот и менаџментот. Може ли да ни кажеш кои се твоите амбиции и каде се гледаш себеси во иднина?
По завршувањето на додипломските студии, се надевам дека доплнително ќе се потковам со знаење и ќе специјализирам на некој друг еминентен универзитет. Подоцна, себеси се гледам на менаџерска позиција во некоја компанија каде што ќе можам да го применам своето знаење.
Дали би сакал да се вратиш во земјава или сметаш дека повеќе би сакал да работиш во странство?
Искрено, уште од мали нозе сонувам за меѓународна кариера. Сепак, сметам дека секој човек е должен да направи нешто за својот роден крај. Така што каде и да сум, што и да правам, ќе се потрудам некако да придонесам за развојот на мојата татковина.
Повеќето од средношколците во „Нова“ аплицираат на повеќе факултети. На кои факултети аплицираше ти?
Како и моите врсници од „Нова“, така и јас аплицирав на повеќе универзитети. Во Обединетото Кралство аплицирав на Universtiy of Ediburgh, University of Manchester и King’s College. Потоа во Холандија на Erasmus University Rotterdam, TBS Bussiness School Barcelona Campus во Шпанија и, на крај, аплицирав на Љубљанскиот универзитет. Од сите добив позитивен одговор. Сепак, требаше да се одлучам за еден. На крај, се одлучив за Erasmus University Rotterdam затоа што лично мене најмногу ми одговара, и како личност, и како иден студент.