Кортизолот, популарно наречен хормон на стрес, е вид стероиден хормон кој се лачи од надбубрежните жлезди. Кортизолот, кога сме во стресни ситуации, влегува во крвотокот со цел да му помогне на телото на вистински начин да одговори на стресните ситуации.
Иако е поврзан со стресот, кортизолот е многу важен за функционирањето на нашето тело. Експертите нагласуваат дека привремениот скок на кортизолот не е штетен за организмот, но доколку постојано сме под стрес, нивото на кортизол е покачено и постои можност за заболување. Лошите животни навики, за кои често не сме доволно свесни, може да доведат до ненадејни скокови на кортизолот.
Кортизолот ги регулира основните функции на нашето тело.
Кортизолот е хормон кој е неопходен за нашето секојдневно функционирање. Тоа е важно за имунолошкиот систем, регулирање на циклусот сон-будење, како и нивото на шеќер во крвта, објаснува д-р Сара Бала од Аризона.
-Кортизолот не е штетен хормон. Најдобро би било да е избалансиран во нашиот организам бидејќи не е добро ниту кога е премногу ниту кога е премалку присутен - вели д-р Бала.
Хронично покаченото ниво на кортизол може да доведе до висок крвен притисок и аритмии, најчестите болести на современиот човек, според д-р Јуфанг Лин од Центарот за интегративна медицина при Клиниката „Кливленд“. Експертите нагласуваат дека често несвесно го подигнуваме нивото на кортизол со лошите навики. Најлојалните сојузници на високиот кортизол се зголемената анксиозност, депресија и несоница, според д-р Лин.
Недоволно сон
Ако не спиеме доволно подолг временски период, можеме да го нарушиме правилното функционирање на кортизолот. Во овие ситуации организмот е под постојан стрес. Со доцното легнување го збунуваме деноноќниот ритам и на телото му е се потешко да се опушти и да заспие, велат експертите.
Будење во различни периоди
Работата во смени и ноќната работа може да го нарушат деноноќниот ритам и да го нарушат сонот. Не се препорачува будење во различни периоди од утрото или денот, бидејќи нивото на кортизол е највисоко во утринските часови.
- Од 6 до 8 часот очите реагираат на сончева светлина и испраќаат порака до мозокот дека е време да се лачи кортизол. Овој хормон ни помага да се разбудиме, ни дава енергија за претстојниот ден. Кога наутро се будиме во различни периоди, не му даваме шанса на кортизолот да нѐ разбуди на вистински начин - вели д-р Бала.
Ако се будиме во 7 часот секој ден, кортизолот ќе знае кога е време да реагира и ќе направи денот да започне на најдобар можен начин.
Стресни емисии, вести, социјални мрежи
Стресните емисии, сериите полни со насилство и агресија без подлабока содржина, барањето лоши вести, расправиите преку социјалните мрежи, можат само да ни го подигнат нивото на кортизол. Сите овие содржини на некои луѓе им дејствуваат како наркотик. Се создава атмосфера на постојано исчекување, обично некои лоши вести кои дополнително го зголемуваат нивото на кортизол. Ваквите ситуации се особено стресни навечер бидејќи влијаат врз сонот. Д-р Лин наведува дека е добро да ги исклучиме телевизорот, телефоните и интернетот два или три часа пред спиење за да се заштитиме од штетните влијанија.
Премногу алкохол
Прекумерната употреба на алкохолни пијалаци го зголемува нивото на кортизол. Д-р Лин вели дека алкохолот може да нѐ опушти, но и да го подигне кортизолот. Еден пијалак за жени и два за мажи се смета за горна дневна граница. Сепак, лекарите предупредуваат дека сите различно реагираме на алкохолот. Немаме сите ист метаболизам и има луѓе кои се почувствителни на дејството на алкохолот.
Премногу кофеин
Кофеинот во прекумерни количини може да биде стимулирачки за функцијата на кортизолот. Ако сте еден од оние луѓе што не можат да го започнат денот без кофеин и силно црно кафе, најверојатно имате проблем со кортизолот, вели д-р Бала.
Недоволно природна светлина во утринските часови
Утринската светлина може позитивно да влијае врз секрецијата на кортизолот. Експертите наведуваат дека е важно да добиете 5 до 10 минути утринска светлина во рок од еден час по будењето. Добро е ако можеме да излеземе надвор или да седиме покрај прозорецот во најсветлиот дел од куќата.
- Изложувањето на телото на сончева светлина дури и во облачен ден може да биде корисно и да го регулира лачењето на хормонот кортизол - вели д-р Бала.
Контрола на стресот
Целта не е целосно да се ослободиме од дејството на кортизолот, туку овој хормон правилно да му помага на нашето тело во стресни ситуации.
- Правилна исхрана, доволно количество вода и физичка активност можат да помогнат да се контролира стресот. Корисни се и вежбите за длабоко дишење, билните чаеви и поминувањето време во природа. Активностите што нѐ исполнуваат и ни даваат задоволство се и некои од начините за борба против тешкиот и хроничен стрес - објаснува д-р Лин.
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik