Ако ајкулите и изгорениците не ве плашат кога ќе се спомене плажа, можеби ова ќе ве исплаши: според прелиминарно истражување, потребно е само 10-минутно пливање во океанот за кожата да ви биде покриена со бактерии. Иако тоа не е лошо по секоја цена, некои од овие бактерии би можеле да предизвикуваат болести или да го зголемат ризикот од инфекција така што ќе ја нарушат микробиолошката средина на кожата, односно микробиомот.
Истражувачите од Универзитетот во Калифорнија за да ја изготват студијата, отишле на плажа и регрутирале посетители. Тоа биле луѓе што ретко пливале во океанот и не користеле крем за сончање во тој момент. Исто така, услов било волонтерите да не се капеле во последните 12 часа и да не користеле антибиотици во изминатите 6 месеци. Пред да влезат во вода, од деветтемина волонтери што биле регрутирани биле земени брисови од кожа, а потоа тие отишле на 10-минутно пливање. Откако се вратиле и целосно се исушиле, повторно биле земени брисови од кожа, како и по 6 часа и еден ден подоцна.
Пред пливањето било утврдено дека микробиомот на секој волонтер можел лесно да се разликува. Но, веднаш потоа микробиомите се менувале и станале многу слични едни на други.
- Нашите податоци првпат демонстрираат дека океанската вода може да ги промени диверзитетот и композицијата на микробиомот на човечката кожа. Во текот на пливањето нормалните резидентни бактерии беа измиени, додека океанските бактерии беа депонирани на кожата - истакнува водечкиот автор Мариса Чатман Нилсен.
Промените на микробиомот биле привремени, но има и некои загрижувачки резултати. Кај секое лице била детектирана честата морска бактерија наречена вибрион. Повеќето видови вибрион се безопасни, но некои се одговорни за болести како колера, а ретко може да предизвикаат и инфекции на кожата, особено кај луѓе со ослабен имунолошки систем. Изгледа дека оваа бактерија е привлечена од кожата на луѓето затоа што поголем дел од неа бил пронајден на кожата на волонтерите отколку во околната океанска вода, која тимот исто така ја тестирал.
Сето ова покажува дека по пливање во отворена вода задолжително треба да се истуширате и треба да се обидувате да ја задржите морската вода надвор од
вашата уста.