Планетата Земја е свет на океани, со вода што покрива околу 71 отсто од нејзината површина. Венера, нашиот најблизок планетарен сосед, понекогаш се нарекува наша планета-близнак поради нејзината слична големина и карпест состав, но иако нејзината површина денес е изгорена и гола, многумина се прашуваат дали и Венера некогаш била покриена со океани.
Според најновата студија, одговорот е „не“. Врз основа на хемискиот состав на нејзината атмосфера, научниците ја утврдиле содржината на вода во внатрешноста на планетата, што е еден од клучните показатели за тоа дали некогаш постоеле океани на Венера. Тие заклучиле дека внатрешноста на планетата сега е екстремно сува, поддржувајќи ја идејата дека Венера останала исушена по период во раната историја, кога површината се состоела од стопена карпа од магма - и оттогаш има изгорена површина.
Водата се смета за неопходна состојка за создавање живот, па заклучоците од студијата посочуваат дека Венера никогаш не била погодна за живеење. Податоците не ја поддржуваат претходната хипотеза дека Венера имала резервоар со вода под нејзината површина - остаток од изгубен океан. Вулканизмот, од кој гасовите се ослободуваат во атмосферата на планетата, ни овозможува да ја дешифрираме внатрешноста на карпестите планети. Како што магмата се издига на површината, таа ослободува гасови длабоко во внатрешноста.
Повеќе од 60 проценти од вулканските гасови на Земјата се водена пареа, што е доказ дека внатрешноста е богата со вода. Научниците пресметале дека водената пареа сочинува не повеќе од 6 проценти од гасовите што се ослободуваат при ерупциите на Венера, што укажува на исушена внатрешност.
- Веруваме дека тоа што во минатото била погодна за живеење би значело дека внатрешноста на Венера сега е богата со вода, но хемискиот состав на атмосферата укажува дека многу малку вода се ослободува при вулканските ерупции на Венера, што пак ни кажува дека внатрешноста на планетата, изворот на вулканизмот, е сува - објаснила Тереза Константину, докторанд на Институтот за астрономија на Универзитетот „Кембриџ“.
Според неа, Венера има долгорочна сува површина и никогаш не била погодна за живеење. Венера е втората планета од Сонцето, а Земјата е трета.
- Постојат два многу различни наративи за водата на Венера: едниот зборува за умерена клима на Венера во времетраење од милијарди години, со површинска течна вода, а другиот тврди дека топлата Венера во раната фаза на формирање никогаш не можела да кондензира течна вода - додала Константину.
Иако Венера и Земјата се слични по маса, дијаметар, густина и растојание од Сонцето, Константину истакнува дека нивните еволутивни патеки драматично се разделиле.
Условите на површината на Венера се екстремни во споредба со Земјата, со атмосферски притисок 90 пати поголем, температура на површината од околу 465 Целзиусови степени и токсична атмосфера со облаци од сулфурна киселина.
Извор: index.hr
Фото: Freepik