X
 25.07.2022 Наша тема

Првите спектакуларни снимки од новиот вселенски телескоп „Џејмс Веб“ - нов прозорец кон вселената

Автор: проф. д-р Ивица Милевски

Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ (JWST), кој е врвен дострел на технологијата, всушност е наследник на вселенскиот телескоп „Хабл“, кој функционира повеќе од 30 години. Новиот вселенски телескоп, кој чини 10 милијарди долари, е заеднички проект на Американската (НАСА), Европската (ЕСА) и Канадската вселенска агенција. Главната цел на JWST е собирање податоци за најоддалечените објекти во вселената до кои не може да се дојде со другите телескопи. Поради тоа, тој има големо 6,5-метарско примарно огледало составено од 18 хексагонални огледални сегменти, по што е многу поголемо од 2,4-метарското огледало на „Хабл“.

Една од главните цели на овој телескоп е да пронајде екстремно далечни галаксии кои се толку далеку, што ги гледаме во раните фази на нивното настанување. Со оглед на ограничената брзина на светлината, како што гледаме подалеку во вселената, така гледаме назад во минатото. Со помош на досегашните најсилни телескопи, меѓу кои и вселенскиот телескоп „Хабл“, астрономите можеа да гледаат и да анализираат галаксии кои се оддалечени неколку милијарди светлосни години. Со „Џејмс Веб“, пак, таа граница се поместува на 13 милијарди светлосни години. Тоа значи дека може да се набљудуваат неверојатно далечни галаксии, кои ги гледаме онакви какви што изгледале во раните фази на нивното создавање и почетоците на создавањето на самата вселена.

Токму од тие причини, една од првите јавно објавени снимки од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ (на 12.7.2022) беше снимката кон најдлабоките видливи делови на вселената (Deep Field). На неа се гледа група од светлобели галаксии, позната како галактичко јато SMACS0723. Тоа е на оддалеченост од околу 4,6 милијарди светлосни години, што значи дека на фотографијата галаксиите ги гледаме какви што биле пред 4,6 милијарди години. Бидејќи првпат се забележани со телескоп, многу од индивидуалните галаксии во јатото сè уште немаат имиња, ниту се формално каталогизирани. Комбинираната маса на ова галактичко јато дејствува како гравитациона леќа, зголемувајќи ги многу подалечните галаксии (со црвеникава боја) зад себе. Поради таквиот ефект на леќа, далечните галаксии изгледаат неприродно закривени.


По само една недела откако првите снимки од „Џејмс Веб“ го обиколија светот, тој ја сними веројатно најстарата галаксија некогаш видена, која постоела пред 13,5 милијарди години или само околу 300 милиони години по Големата експлозија и раѓањето на вселената. Кога снимката ќе се префрли од оригиналниот инфрацрвен во видливиот спектар, галаксијата се гледа како црвена дамка со бел дел во центарот. Токму затоа астрономите бараат подолг временски пристап до телескопот (кој и онака е „пребукиран“), за преку анализа на нејзината светлина да добијат дополнителни податоци за староста, оддалеченоста и сл. Засега единствено се знае дека галаксијата има маса од околу милијарда сонца, што е малку чудно со оглед на тоа колку брзо се формирала по Големата експлозија.


Следна од првообјавените снимки на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ е „Стефановиот квинтет“. На снимката се гледаат четири галаксии (NGC 7317, NGC 7318A, NGC 7318B и NGC 7319) оддалечени од нас околу 290 милиони светлосни години и петата галаксија NGC 7320, на левата страна на сликата, која всушност е многу поблиску, на 40 милиони светлосни години од Земјата. Четирите далечни галаксии се во гравитациска интеракција (судир на галаксии), поттикнувајќи создавање на нови ѕвезди. Овој фотомозаик е досега најголемата слика на телескопот „Џејмс Веб“, покривајќи површина на небото голема колку 1/5 од пречникот на Месечината (како што се гледа од Земјата). Содржи повеќе од 150 милиони пиксели и е направена од околу 1.000 поединечни фотографии.


Покрај далечните галаксии, телескопот „Џејмс Веб“ направи и повеќе снимки на галаксијата М-74 или галаксијата Фантом. На оддалеченост од 32 милиони светлосни години, таа е типична спирална галаксија, по многу карактеристики слична на нашата. Во таа смисла е одлична за проучување на спиралната структура и еволуцијата на ваквиот тип галаксии. Во оваа галаксија се случија неколку неодамнешни супернови, и тоа во 2002, 2003 и 2013 година, при што суперновата во 2013 година беше невообичаено светла за нејзината далечина. Последиците од суперновата од 2003 година покажуваат редок пример на светлосно ехо, каде што светлината на суперновата се рефлектира од прашината, овозможувајќи им на научниците целосно да го испитаат составот на прашината на друга галаксија. Покрај тоа, постојат докази за огромна и масивна црна дупка во центарот на оваа галаксија.


Смртта на некоја ѕвезда може да биде мошне драматична. Јужниот прстен е планетарна маглина на оддалеченост од 2.500 светлосни години, настаната со исфрлање на обвивка од гас и прашина од ѕвезда, во текот на илјадници години. Сликата лево е од блиску-инфрацрвена камера (NIRCam), а десната е од средно-инфрацрвена камера (MIRI) на телескопот „Џејмс Веб“. Гледањето на маглината во различни бранови должини открива нови карактеристики, како што се двете ѕвезди во центарот на маглината (на десната слика). Самата маглина настанала од гасот исфрлен од помалата ѕвезда, која пред тоа била црвена џиновска ѕвезда. Веројатно вака ќе заврши и нашето Сонце за неколку милијарди години.


На следната фотографија од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ е прикажана маглината Карина, на оддалеченост од околу 7.600 светлосни години. Портокалово-кафеавиот дел е огромен облак од прашина истуркан од ултравиолетовото зрачење и ѕвездените ветрови кои „дуваат“ од бројните жешки и масивни, млади ѕвезди во „празнината“. Всушност, самата „празнина“ над облакот е регион (познат како NGC 3324) во кој се раѓаат нови ѕвезди.


Освен на далечните галаксии, новиот вселенски телескоп направи повеќе снимки на Јупитер. Тие ги воодушевија научниците, бидејќи кристално јасно ги прикажуваат прстените околу планетата, заедно со нејзините месечини. Јупитеровите прстени се проучувани и претходно, но со помалку детали и информации. Воедно, астрономите беа изненадени од чудна линија што се појави околу работ на едната страна на планетата, што укажува на слој од магла, за што се неопходни дополнителни анализи.


На 20 и 21 јули, набљудувањето на „Џејмс Веб“ беше насочено кон мистериозна планета надвор од нашиот Сончев Систем, наречена GJ 1214b. Астрономите кои ја проучуваат оваа планета повеќе од една деценија велат дека во нашиот Сончев Систем нема ништо слично на неа. Според големината, таа е некаде помеѓу Земјата и Нептун, со атмосфера покриена со облаци или магла, па се очекува многу скоро да се знае за што станува збор. 


Можеби најинтересната цел на телескопот „Џејмс Веб“ е ѕвездениот систем Трапист-1, оддалечен околу 40 светлосни години од Земјата. Неговото првично набљудување траеше околу 5 часа. Резултатите сè уште не се објавени, но ѕвездениот систем е меѓу најинтересните досега познати во однос на егзопланетите. Овој систем се состои од седум планети од Земјин тип кои кружат околу мала ѕвезда, од кои четири се во зоната погодна за живеење. На некои од планетите може да има течна вода, па дури и живот. Сепак, првин треба да се утврди дали планетите имаат атмосфера, што е неопходно потребно за течна вода на нивните површини. Засега, најдобар кандидат е Трапист-1e, карпеста планета малку помала од Земјата и со добар потенцијал за постоење на биосфера. Интересно за овие 4 планети е тоа што меѓусебно орбитираат толку блиску, што е мошне веројатно лесното разнесување на животот од една на друга планета (панспермија).

Во деновите, неделите и месеците што следуваат со сигурност треба да се очекуваат многу нови, спектакуларни снимки од „Џејмс Веб“, а можеби и сосема неочекувани откритија поврзани со настанувањето на вселената, галаксиите, ѕвездите, планетите и другите небесни тела. Преку подетални набљудувања и анализи на снимките на „најперспективните“ блиски егзопланети, во годините пред нас сосема можно е да бидеме сведоци на откривање знаци на живот (биосфера) на нив, барем во форма која ни е веќе позната.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема