Генерацијата З сè почесто ги користи социјалните мрежи и апликациите за запознавање за да дојде до работа на сè поконкурентниот пазар на трудот. Наместо да се потпираат исклучиво на класични апликации и биографии, младите кандидати се обидуваат да им го привлечат вниманието на работодавците со вирални видеа, духовити објави и креативен онлајн настап.
Причината за ваквите тактики лежи во сè потешките услови за вработување. На пазарот на трудот, кој многумина го опишуваат како најпредизвикувачки од времето на пандемијата наваму, бројот на пријави за работа нагло расте, додека бројот на отворени работни позиции се намалува.
Според податоците на „Линкдин“, глобалната стапка на вработување паднала на најниско ниво во последните пет години, додека конкуренцијата за секое работно место значително се зголемила.
Истовремено, многу компании користат вештачка интелигенција за филтрирање на кандидатите, што дополнително го отежнува издвојувањето од масата. Токму затоа, дел од младите баратели на работа се свртуваат кон платформи како „Тик-ток“ и „Инстаграм“ за да ја покажат својата личност, своите комуникациски вештини и креативноста.
- Видеата на „Тик-ток“ во суштина стануваат продолжение на биографијата на генерацијата З. Оваа генерација е навикната да создава содржина. Потрагата по работа ја доживува повеќе како создавање содржина отколку како традиционален процес на аплицирање - вели Вики Салеми, експерт за кариера.
Не е доволно да станете вирални
Некои кандидати објавуваат видеобиографии во кои на хумористичен начин ги претставуваат своите квалификации, додека други изработуваат презентации и персонализирани кампањи што директно ги испраќаат до менаџери и директори. Таквата содржина понекогаш станува вирална и носи голема видливост, но експертите предупредуваат дека самата виралност не е доволна за вработување.
- Не е доволно да станете вирални. Јас сум квалификувана личност, но сепак морав да поминам низ долг процес на аплицирање за да ја добијам работата - вели Ања Родницки, кандидатка што привлекла внимание со својата видеобиографија.
Експертите истакнуваат дека ваквиот пристап може да им помогне на кандидатите да покажат меки вештини, како раскажување приказни, самодоверба и ентузијазам, но предупредуваат дека креативната содржина не може да ги замени искуството и квалификациите.
- Видеобиографиите можат да бидат како шлаг на тортата ако сладоледот е токму со вкусот што го барам. Тие можат да направат разлика само ако ги поседувате и другите барани квалификации - објаснува Прија Ратход од компанијата „Индид“.
Потрагата по работа не е добра за менталното здравје
Со сè поголемата конкуренција, потрагата по работа остава последици и врз менталното здравје на младите. Анализите покажуваат дека голем број кандидати чувствуваат фрустрација, исцрпеност и обесхрабреност поради пријавите на кои никогаш не добиваат одговор.
- Често имаат чувство дека се пријавуваат во празнина и не добиваат никаков одговор - изјави советничката за кариера Даниел Николсон.
Поради тоа, многу млади сметаат дека повеќе не е доволно да имаат само добра биографија. Професионалното присуство на интернет станува речиси еднакво важно како формалното образование и работното искуство, а границата меѓу личниот бренд и барањето работа станува сè потенка.
Сепак, експертите предупредуваат дека кандидатите не треба да чувствуваат притисок да станат инфлуенсери за да пронајдат работа. Креативната содржина може да помогне во привлекувањето внимание, но на долг рок пресудна улога и понатаму имаат знаењето, искуството и способноста за приспособување кон пазарот на труд.
Извор:
Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube