X
 25.08.2019 Живот

Трамп може да остави илјадници Германци без работа

Доколку американскиот претседател Доналд Трамп ги оствари заканите и ја повлече американската војска од Германија, само во еден град 3.000 луѓе може да останат без работа.

Во реонот на гратчето Графенвер се наоѓа едно од најголемите упоришта на американската војска во Европа, каде што се стационирани повеќе од 10.000 американски војници.

Американската воена база е најголемиот работодавец во регионот и вработува повеќе од 3.000 германски цивили. Меѓутоа, американскиот претседател смета дека Германија уплаќа премалку во заедничкиот буџет на НАТО и предупредува дека поради тоа, ќе ја повлече единицата од Германија и ќе ја премести во Полска.

Сепак, според пишувањата на германските медиуми, покрај заканите дека ќе повлече дел од трупите од Германија, Американците во оваа земја и понатаму ја имаат најголемата воена база во Европа, а за таа база германските даночни обврзници даваат огромни суми пари.

Германија во изминатите седум години издвоила 243 милиони евра за поддршка на американските воени бази во земјата. Меѓутоа, тоа не е сè - уште 480 милиони евра отишле за градежни проекти поврзани со плановите на НАТО, но тие пари исто така биле речиси исклучително наменети само за американските бази.

Од Втората светска војна Германија е европската земја со најмногу американски војници и тоа трае до денес. Моментално во земјата се сместени 35.000 американски војници и 17.000 цивилни работници. Исто така, околу 12.000 германски државјани вршат работи поврзани со американската војска.

Неодамна Вашингтон се закани со повлекување на дел од трупите од Германија поради судир со официјален Берлин околу давачките за одбрана. Америка со години, а особено од доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа, ја предупредува Германија дека би требало да дава 2 отсто од БДП за потребите на одбраната.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот