X
 25.08.2022 Живот

Приказна за необичното пријателство на Хитлер со едно еврејско девојче

Имале роденден на ист ден - 20 април. Девојчето го нарекувало чичо Хитлер, а било познато како „детето на фирерот“. Во време кога нацистичкиот водач се претставувал пред светот како миротворец, неговиот личен фотограф често ги фотографирал двајцата како се држат за рака и се смешкаат. И тогаш било откриено дека Роза има еврејско потекло.

Фотографијата на која се наоѓа Хитлер со малата Роза Бернил Нинау, која тогаш имала околу 6 години, била споделена низ Германија и објавена во медиумите како дел од пропагандата која требало да го покаже германскиот лидер како личност која сака деца, човек кој е во контакт со младите, како што наведува Џејмс Вилсон во книгата „Хитлеровиот алпски штаб“.

Како и многу други фотографии, серијата слики на Хитлер и Роза ги направил Хајнрих Хофман, официјалниот фотограф на Адолф Хитлер. Сепак, овие слики станале многу познати откако била откриена приказната за нив.

Роза и нејзината мајка Каролин, која била вдовица, пролетта 1933 година отпатувале до Бергхоф, едно од омилените места за одмор на Хитлер.

Таму биле поканети за да го прослават роденденот на Хитлер. Не е познато како Роза била избрана да го запознае фирерот, но можно е да била избрана затоа што била родена на ист датум како него.

Како и да е, малото девојче разговарало со Хитлер, му честитало роденден и така започнало нивното необично пријателство. Роза и „чичко Хитлер“ се зближиле. Потоа се сретнале неколку пати и си пишувале писма до 1938 година.

- Истражувањата покажуваат дека Хитлер многу рано станал свесен за еврејското потекло на девојчето, но решил да го игнорира, од лични или пропагандни причини - открива аукциската куќа „Александер хисторикал окшнс“ од Мериленд на чија веб-страница се продаваат фотографии од Хитлер и Роза.

Мајката на Каролина, бабата на Роза, била Еврејка. Во нацистичка Германија да се биде четвртина Евреин значело дека и девојчето е Еврејка со закон.

Сепак, Хитлер продолжил да одржува контакт со Роза и како што минувале годините и таа растела, тие често си пишувале. Сочуваните документи покажуваат дека Роза им пишала на Хитлер и на неговиот помошник Вилхелм Брункер најмалку 17 пати помеѓу 1935 и 1938 година.

„Минхен, 27 септември, 1936 година

Почитуван чичко Брукнер,

Имам многу да ви кажам денес. За време на празниците бевме на Оберзалцберг и двапати ми дозволија да го видам драгиот чичко Хитлер! За жал, ти не беше таму. Веќе работам на божиќен подарок. Повторно плетев чорапи за чичко Хитлер бидејќи го прашав дали му се допаѓаат оние од минатата година и тој рече да.

Годинава можам да плетам со уште пофина волна, мама ми помага само околу петиците. Ќе бидат многу топли, а бидејќи тој секогаш патува, стапалата нема да му бидат студени.

Мама ти испраќа поздрави и бакнежи“ - пишува во едно од зачуваните писма.

Роза престанала да пишува кога ѝ било наредено од страна на Мартин Борман, личниот секретар на Хитлер.

Крај на пријателството

Во еден момент, еден од поддржувачите на Хитлер ги открил корените на Роза. Тоа стигнало до Борман и тој им забранил на Роза и на нејзината мајка да го посетуваат одморалиштето и да му пишуваат на Хитлер, но, според книгата на Вилсон, не му кажал на фирерот.

По некое време Хитлер се запрашал што се случило со неговото омилено дете. На крајот дознал дека таа е на црната листа. Бил бесен.

- Хитлер бил бесен на оние што кажаа за неговата малечка пријателка. Тој му рекол на Хофман: „Постојат луѓе што навистина имаат талент да ми ја расипат радоста“, пишува во книгата на Вилсон.

На крајот, сепак, интервенирал друг високорангиран нацист и трајно ја прекинал преписката меѓу Хитлер и Роза. Набрзо започнала Втората светска војна и страшниот прогон на Евреите.

Роза не го дочекала крајот на војната. Не е познато што ѝ се случило во меѓувреме, но познато е дека пет години по раскинувањето на врската со Хитлер, на 5 октомври 1943 година, на 17-годишна возраст, таа починала од полио во болница во Минхен.

Дотогаш, милиони Евреи загинале во холокаустот.

Извор: b92.net
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот