Во текот на изминатава година во Романија не стивнуваат протестите, кои одвреме-навреме избиваат во главниот град на оваа земја. Последниот се случи откако на централниот плоштад „Унири“ во Букурешт во четвртокот свечено беа пуштени во функција новите фонтани. Според веќе испробан рецепт, група граѓани од Романија организираа протест поради прескапите фонтани.
Фасцинантните светлечки фонтани во Букурешт беа отворени со мултимедијален спектакл и концерт на Симфонискиот оркестар на Букурешт. Комплексот се состои од 44 фонтани во круг од 1,4 километар и градските власти тврдат дека тоа е најголемиот комплекс од фонтани во Југоисточна Европа.
Мултимедијално шоу проследено со претстави од 28 септември ќе се одигрува секој четврток, сè додека временските услови го дозволуваат тоа.
Меѓутоа, Романците не дoзволија негодувањето и незадоволството да останат само на социјалните мрежи. Проектот наиде на големи критики. Граѓаните се собраа на свеченото отворање во четвртокот за да протестираат поради тоа што парите се вложени во нови фонтани наместо во училишта и болници.
- Да, имаме фонтани, но ветивте нови болници - пишуваше на еден од банерите.
Потсетуваме, Романија минатата година се соочи со најголемите протести по завршувањето на ерата на комунизмот. Протестите следуваа откако владата на оваа земја се обиде да го декриминализира незаконското однесување на службениците. Во јануари сите на глас викаа „Оставка“ на протестите против законот усвоен од страна на романскиот парламент, кој го отежна процесирањето на злосторствата и корупцијата на високо ниво.
Кон средината на август повеќе од 15.000 Романци повторно излегоа на улиците поради насилствата што претходно избија на еден антивладин протест, поради што 455 лица побараа
лекарска помош.