X
 25.09.2019 Живот

Грета Тунберг доби алтернативна Нобелова награда

Шведската активистка за борба со климатски промени, тинејџерката Грета Тунберг, е еден од четворицата добитници на наградата колоквијално наречена „алтернативна Нобелова награда“.

Тунберг беше наградена за инспирирање и засилување политички барања за итна климатска акција, соопшти Фондацијата Right Livelihood Award со седиште во Стокхолм.

Во август 2018 година 16-годишната Тунберг почна „штрајк во училиштата“ пред шведскиот парламент и со тоа инспирира движење предводено од младите кое организира штрајкови за климата низ целиот свет под слоганот „Петоци за иднината“.

Во понеделникот Тунберг одржа говор во Њујорк на Самитот на ОН за климата, во кој ги повика светските лидери да дејствуваат за да се намалат климатските промени.

- Ако нè изневерите, мојата генерација никогаш нема да ви прости - рече таа.

Коментирајќи ја наградата, Тунберг рече: „Јас не сум победник. Јас сум дел од глобалното движење на ученици, млади и возрасни кои решија да дејствуваат во одбрана на нашата жива планета. Јас ја споделувам оваа награда со нив“.

Тунберг беше именувана заедно со активист за човекови права од регионот на Западна Сахара, адвокат од Кина и лидер и здружение што работи за правата на домородните луѓе Јаномами во Бразил.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот