X
 17.02.2020 Живот

„Ефектот Грета Тунберг“ - сѐ повеќе луѓе патуваат со воз наместо со авион

Бројот на патници со воз во Германија се зголемил со рекордна брзина во изминатата година, додека бројот на летови е во опаѓање.

Една од работите што ја одбележаа 2019 година беше борбата против климатските промени, со шведската тинејџерка во преден план. Без оглед на тоа што мислите за Грета Тунберг (а мислењата се поделени), климата и нејзините промени што негативно влијаат врз нашата планета се важна и константна тема во медиумите, меѓу политичарите и институциите. Исто така, меѓу сè поголемиот број луѓе се зголемува свеста за зачувување на природата, околината, користењето одржлива енергија и транспорт.

Ваквата промена на свеста и однесувањето на луѓето сè почесто се нарекува „Ефектот на Грета“. Ефектот може да се забележи и во промената на однесувањето на патниците во некои земји. Така, во Германија сè повеќе луѓе ги заменија авионите со возови, со што придонесуваат за зачувување на природната средина бидејќи возовите многу помалку го загадуваат воздухот од авионите.

voz
Фото: Pixabay

- Тоа е доказ за посветеноста на луѓето во борбата со климатските промени, што се рефлектира низ човечката акција - вели Стефан Госелинг, професор по економија и транспорт од шведскиот Универзитет „Линеус“.

Според бројките, во споредба со една година претходно, во Германија во 2019 година бил забележан пад на домашните летови за 12 отсто и летови кон европските градови за 2 отсто, додека истовремено железницата забележува рекорден број на патници. Германската железничка компанија „Дојче Бан“, исто така, забележува рекордни бројки на долгите патувања, кои минатата година надминале 150 милиони.

Од германското здружение на аеродроми сметаат дека постојат различни фактори што придонеле за намалувањето на воздушниот сообраќај, како што е зголемување на цените на нафтата и економската и трговската несигурност, што делумно ја обележало минатата година, но аналитичарите сметаат дека на овие фактори дефинитивно треба да се додаде и повисока свест кај луѓето кога станува збор за климатската криза.

Уште една држава во која се забележани слични бројки е Шведска, на чии аеродроми бил забележан пад на сообраќајот од 11 отсто минатата година, додека бројот на патници со воз значително се зголемил.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот