Се сеќавате на приказната? Секако дека се сеќавате. Една од најстарите и најсвети градби во светот, катедралата Нотр Дам во Париз, ја зафати пожар. Додека сликата од пеколот се ширеше низ светот, се појавија коментари: ужасно, катастрофално.
Пожарот уште не беше изгаснат кога некои од најбогатите луѓе во Франција побрзаа да помогнат во обновувањето на катедралата. Од Франсоа-Анри Пино, сопственикот на „Гучи“, дојдоа 100 милиони евра. За да покаже дека е хумано, и семејството Арно од „Луј Витон“ издвои 200 милиони евра.
И други богаташи им се приклучија на донациите како да станува збор за аукција на скапоцени уметнички дела. Во само три дена француската елита на милијардери вети околу 600 милиони евра. Барем така пишуваше во нивните соопштенија за јавноста, пишува Адита Чакраборти
за „Гардијан“.
Некои од 3.600 париски бездомници протестираа затоа што толку многу пари може да се најдат за покрив на катедралата, а ни цент за покрив над нивните глави. Но, што знаат сиромашните за возвишеноста?
Фото: Eva Bee
- Милијардерите понекогаш може да бидат од корист - рече уредникот на „Монивика“.
Со толку многу пари, францускиот претседател Емануел Макрон вети дека готичкото ремек-дело ќе биде обновено во рок од пет години. Насловите во весниците беа пополнети, студиското време пополнето и светот тргна понатаму.
Речиси сигурно не сте го слушнале останатиот дел од приказната, а треба, затоа што дојде до пресврт.
Катедралата не доби ништо од милијардерите
Поминаа недели, а потоа и месеци, а Нотр Дам не доби ништо од милијардерите. Ветувањата од средината на април како да се заборавија до средината на јуни.
- Големите донатори не платија ни цент - изјави претставник на катедралата за новинарите.
Многу поскромни износи дојдоа од многу посиромашни лица.
Тоа повторно поттикна медиумски извештаи откако двајца богати донатори, семејството Арно и Пино, платиле по 10 милиони евра. Следуваше тишина. Прашањето што Чакработи го испратил до разните донатори остана без одговор.
Во времето додека гореше Нотр Дам бевме длабоко потресени од загриженоста на луѓето облечени во кашмир. Да го земеме како пример семејството што стои зад „Лореал“, кое во тоа време објави дека е трогнато од оваа драма што обединува надвор од границите на културата и планира да учествува во колективниот напор и талент кои се потребни за соочување со овој огромен предизвик, што го допира срцето на Франција. До средината на јуни уплати едно големо ништо. Истото важи и за нафтениот гигант „Тотал“.
Ветија милион, дадоа само дел
Милијардерите што ветија милиони добија признание и внимание, а дадоа само дел од парите. Си обезбедија публицитет, а за возврат побегнаа од обврски.
Во меѓувреме треба да се исплатат платите за 150 работници што работеа на катедралата. Околу 300 тони олово на покривот на црквата претставуваат смртоносна закана што треба да се отстрани пред да почне реставрацијата. А бремените жени и децата што живеат во близина мораа да бидат тестирани поради можно труење. Но, финансирањето на таква валкана, негламурозна работа не им одговара на милијардерите што продаваат луксузни производи.
Како што неодамна изјави еден службеник на катедралата: - Тие не сакаат да дадат пари за плата на работниците. Зошто би ги дале кога можат да ги дадат за идните наследници на базиликата на „Гучи“ да можат да уживаат?
Без оглед дали станува збор за Франција, Велика Британија и САД, богаташите даваат пари на големи институции во срцето на културата за да обезбедат социјален статус на постерите и случувањата. На ист начин тие ги финансираат политичките партии, а потоа уживаат во повратните ефекти кога партиите ќе формираат влада.
Џилија Кејџ, економист, укажува на тоа дека меѓу тие исти луѓе што ветуваа донации за Нотр Дам има и такви што го финансираа подемот на Макрон на претседателската позиција.
Цена на демократијата
Во својата книга „Цената на демократијата“ таа пресметала дека 600 богати луѓе во Франција дале од 3 до 4,5 милиони евра за предизборната кампања на Макрон. За неколку месеци новиот претседател им ги намали даноците на богатите, давајќи им поврат од речиси 60.000 отсто на нивните инвестиции. Исто како и со Нотр Дам, мал влог, многу влијание и одлично враќање.
Трагедијата на Нотр Дам сепак има „среќен крај“ бидејќи
француските богаташи ги отворија паричниците за да спасат светско наследство. Но, она што некогаш се чинеше трагично, сега изгледа гротескно: неколкумина богати со медиумско внимание и ниту една донација се потпираат на парите на илјадници обични Французи, дури и кога целата економија се сврти наопаку во корист на оние што веќе имаат многу.