Нов вид лек против рак што може да лекува широк спектар на тумори првпат е одобрен во Европа.
Британските лекари што го тестираат новиот лек велат дека е навистина возбудливо. Лекот наречен „ларотректиниб“ има потенцијал да излекува повеќе пациенти и да ги намали несаканите ефекти. Клучот е во тоа што новиот вид лек не гледа каде расте ракот во телото, сè додека во себе носи специфична генска абнормалност што лекот ја таргетира.
- Придобивката за пациентите, а особено за децата - да може да се лекуваат различни видови рак со еден лек, е потенцијално голема и им помага да имаат подолг и поздрав живот - изјави шефот на британскиот здравствен систем, Симон Стивенс.
Фото: ЕРА
Ја таргетира генската абнормалност
Меѓу првите пациенти што имале можност да го пробаат лекот е двегодишната Шарлот Стивенсон од Белфаст, на која ѝ бил дијагностициран детски фибросарком, рак на сврзните ткива.
Минатата година таа била лекувана со „ларотректиниб“ како дел од клиничкото испитување во лондонската болница „Ројал Марсден Сатон“.
- Знаевме дека можностите се ограничени, па одлучивме да пробаме и мило ни е што го направивме тоа. Имавме можност да ја гледаме Шарлот како брзо расте и се развива, надоместувајќи го изгубеното време на толку многу начини и нè зачудува со својата енергија и волја за живот - изјави Ештер, мајката на Шарлот.
Туморот на Шарлот бил предизвикан од генска абнормалност позната како„НТРК фузија на генот. Поточно, еден дел од нејзината ДНК случајно се споил со друг и промените во генскиот код на нејзиното тело довеле до раст на ракот. Но, таквите фузии на гените се појавуваат и во некои видови рак на мозокот, бубрегот, тироидната жлезда и другите видови рак.
- Ова е навистина возбудливо и дејствува на широк спектар на видови рак, лекот не е ограничен на еден вид - вели д-р Џулија Чишолм, консултант за детски тумор во болницата „Ројал Марсден“.
Појавата на овој нов вид лек означува пресврт во лекувањето на
рак на дојката, рак на дебелото црево или рак на белите дробови според прецизната медицина што го користи генскиот состав на туморот на секој пациент.