Друштвото за комуникациски менаџмент Chapter 4 (или кажано на македонски јазик: Чептер 4), денеска прославува 14 исполнети години на македонскиот пазар. Што ги одбележа овие, речиси, декада и половина бизнис-функционирање?
Интересно е човек да се сврти наназад и да го погледне патот што, заедно со многу други колеги, соработници, клиенти, го поминал. Доколку се обидам со еден збор да ги опишам и опфатам сите овие 168 компаниски месеци, дефинитивно може да кажам: само промената е константа. Идеите и очекувањата од моментот на основање на друштвото до денес, кога славиме 14 години функционирање под македонското економско небо, се многу различни, специфични, неочекувани, изненадувачки. Дел сме од европска мрежа на агенција за односи со јавност, но не ни претпоставувавме дека денес ќе сме дел од глобалната мрежа на водечката групација во нашиот сектор, Burson (
www.bursonglobal.com).
Сепак, целосното „патување“ го предводи една девиза дека растеме. Во секоја смисла на зборот. Растеме како компанија со многу клиенти. Растеме како луѓе со знаења. Растеме како влијание во државата, но и во регионот. Растеме како економски субјект кој своето работење го базира на менаџирање информации. Растеме и созреваме. Затоа нашето мото, во изминативе пет години, е дека РАСТЕМЕ ЗАЕДНО со клиентите. Растеме со промената.
Дали сте задоволни од досегашното работење? Што би промениле во концептот на функционирање на компанијата?
Задоволството од тоа да правиш нешто што го сакаш не се изразува низ бројки и статистики. Лично, презадоволен сум од развојот на компанијата. Затоа што таа е дел од мојата животна биографија, односно јас сум дел од животната биографија на компанијата. Кога ќе се „вградите“ во системот, нормално е да бидете задоволни.
Интересно е што доколку ги соберете двете бројки во годината 14, тоа претставува 5 – успех, одлично, врв, задоволство. И отсекогаш сум знаел дека кога ќе се постигнат личните параметри што сте ги поставиле, доаѓаат и потребни се промени. И сега кога сме „на врвот“, согласно моите очекувања, време е за промени. Во иднина, практичното функционирање на Чептер 4 ќе премине во рацете на Милан Живковиќ, економист по професија, личност со сериозно меѓународно искуство во бизнис-секторот, а успешно координирал проекти и со граѓански организации и институции од јавниот сектор. Заедно со досегашниот тим и со нови членови ќе продолжи по патеката на успехот на компанијата. И самиот назив на нашата компанија (Chapter/Чептер), означува поглавје. Да, време е за нов чекор кон промени.
Што значи оваа промена во однос на клиентите, соработниците?
Промените се нормална работа од секојдневниот живот. И во сферата на компанијата. Мојата експертиза секогаш ќе биде дел од компаниското портфолио, но време е менаџирањето да го преземат нови „сили“ кои ќе дадат дополнителна вредност во развојот на агенцијата. Соработката со клиентите, како и досега, продолжува на професионално ниво, со ефективна и ефикасна комуникација базирана на факти. Оваа парадигма на професионалност не смее и нема да биде доведена во прашање. Едноставно, сите наши соработници во сериозното портфолио на домашни и странски компании вложуваат максимум во процесите на менаџирање на информации на клиентите. Затоа што успехот на клиентот е и наш успех.
Може ли да ги опишете промените - воведувате ли нови услуги или го менувате начинот на практикување на постојните услуги на агенцијата?
Станува збор за комбинација: имаме нови услуги и менаџирање на промените што доаѓаат со тие нови услуги. Секоја компанија треба да ги следи трендовите во својата област. Нашата заедничка нишка во сите процеси е комуникацијата и менаџирање на информациите врз база на факти. Тоа е константа во промените. Сепак, технолошкиот развој и новите генерации бараат поинаков пристап, имаат поинакви алатки за комуникација, размислуваат и дејствуваат на малку поразличен начин. Затоа, Чептер 4 се приспособува на потребите на нашите клиенти и на јавноста. Ја воведуваме вештачката интелигенција во дигиталниот визуелен отпечаток на нашите клиенти – нешто што веќе го прават нашите колеги од Chapter 4 Австрија, каде што всушност е и централата на нашата Chapter 4 групација. Важно е сите заеднички, вработените во агенцијата и клиентите, да бидат задоволни од процесите што ги менаџираат и постигнуваат.
Која е Вашата лична патека на развој? Што понатаму?
Во досегашното работно искуство, речиси 11 години како новинар и 14 години во односите со јавноста, се соочив со многу интересни животни и компаниски приказни. Делумно учествував во нивното раскажување, иако честопати бев и само набљудувач кој учи и анализира. Оваа неформална едукација низ процесот на работење ја надополнив со формално образование. Секако, како што веќе реков, останувам дел од процесот на растење на Чептер 4, но професионално своето внимание и влијание ќе ги насочам и во развој на науката за комуникациите. Верувам дека знам како да им го пренесам стекнатото знаење на новите генерации.
Навистина сум фасциниран од оваа област, која се проткајува во сите сегменти на живеењето и функционирањето. Честопати велам дека како што ни е потребен воздух за физички да опстанеме како луѓе, така ни е потребна комуникацијата да опстанеме како социјални суштества. Моите идни планови се насочени кон теоретизација на одредени научни парадигми во комуникацијата и обликување на јавноста, низ социо-комуниколошки методи. Свесен сум дека од минатото може да учиме, иднината може да ја посакуваме, но во сегашноста може и треба да дејствуваме. Секое движење денес, како бран, одекнува во иднината.