X
 08.08.2020 Наша тема

Во Словенија на „интелектуална печалба“, Тодор Стојчевски, докторанд на Факултетот за медиуми во Љубљана

Имав среќа првиот семестар да патувам во Словенија. При тие физички контакти ги запознав сите колеги, професори, асистенти. На мојот факултет сме Балкан „во мало“, вели Стојчевски

Иднината нема да познава физички простори за учење - големи амфитеатри, класични предавања, испити со физичко присуство. Доаѓа време на електронска комуникација. Кризата со коронавирусот е само акцелератор на потребата побрзо да се прифати технологијата и да се живее 21 век, вели Тодор Стојчевски, докторанд на Факултетот за медиуми во Љубљана. Во интервјуто тој зборува за предизвиците на студиите, што значат тие за професионалниот живот, како се одвиваат во време на пандемија.

Веќе една година сте на докторски студии во Словенија. Зошто Вашата доверба не ја дадовте на македонска високообразовна институција?

- Магистрирав во 2007 година на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Претходно завршив додипломски на студиите по новинарство на Правниот факултет на истиот универзитет. Практично осум години посветив на едукација на најстариот универзитет во Македонија. Но, потоа, едноставно не успевав да најдам соодветна програма на наша високообразовна институција која ќе ги задоволи моите потреби за научно надградување. Не велам дека немало. Едноставно околностите не овозможуваа да продолжам со докторските студии во Македонија.

Во меѓувреме активно работев како новинар и лице за односи со јавност, што секако, ја предестинира мојата идна научна надградба. Универзалните сили, ако може така да ги дефинираме, одредија својот највисок степен на образование да го почнам и се надевам да го завршам во Словенија. Честопати патував во оваа држава поради бизнис, односно поради веќе креирани пријателски релации и ја почувствував како втор дом. За мене, ова е портата преку која нашите академски граѓани може и треба да се етаблираат на европското научно милје, но и во светски рамки. Не велам дека е во прашање (не)доверба кон одреден образовен систем, но мора да бидеме искрени кон себе и да признаеме дека има што да научиме од нашите пријатели во Словенија. Ова го дефинирам како интелектуална печалба. Не одам во странство да заработам пари, туку да спечалам знаење.

Може ли да направите споредба на образовните системи во Македонија и во Словенија?

- И да и не. Не може да компарирам различни степени на образование затоа што немам сознанија за тоа како точно е поставен нашиот образовен систем во продукција на доктори на науки. Верувам и посакувам да е исто како во Словенија, каде што моето искуство вели дека студиумот, иако трае три години според системот на Болоња, е флексибилно сериозен. Секој сам одлучува како ќе стигне до својата докторскa титула по поставените правила, но за тоа е потребно да се вложат сериозен труд, енергија, време, работа и учење.


Тодор Стојчевски

Првиот семестар се слушаат интензивни предавања, семинари и се организираат дебати на факултетот. Притоа, паралелно, лично се фокусирате на избор на тема за докторската дисертација и ментор. По одобрување на темата (уште во првиот семестар), почнувате со подготовка на диспозиција - поставување на костурот на вашиот иден докторат. Заедно со ова подготвувате испити кои се полагаат преку пишување есеи, постојано комуницирате со професорите и колегите и откако ќе поставите теоретска рамка (ќе го врамите вашето дело во теоретска „гардероба“), преминувате кон методологија на истражување. Имате две можности за докторирање: или преку пишување и објавување научни трудови во списанија со импакт-фактор или со подготовка на целосен труд и негова одбрана пред комисија. Секако, ова не е сувопарно како што звучи зашто влегувате во научно предизвикувачка катарза и се борите да освоите што повеќе знаење. Колку сте повозрасен, толку повеќе треба да вложувате во вашата едукација. Не е обратно поставено. Откако формално ќе завршите одреден степен, завршува и процесот на образование и едукација. Напротив, дури тогаш почнува битката со планината.

Како во вакви услови се одвиваат предавањата, испитите, научните конференции?

- Имав среќа првиот семестар да патувам во Словенија. При тие физички контакти ги запознав сите колеги, професори, асистенти. На мојот факултет сме Балкан „во мало“. Имам колеги од Хрватска, Србија, Македонија и од Словенија. На додипломски и постдипломски студии има студенти и од други држави. Ова практично значи дека добивате т.н. балканска платформа за изразување на вашите знаења. Тоа се интелектуалци, докажани експерти во своите области и во своите земји, кои сепак одлучиле да се доусовршат и да го зголемат својот квантум на знаење.

Откако почна кризата со пандемијата, предавањата, испитите и конференциите се одвиваат преку дигиталните платформи. Еден наш колега од постарите генерации веќе докторира преку платформата „Зум“. Јас положив испит со напишан есеј, кој беше проследен до професорот преку електронска пошта. Се одржаа и неколку инфо-денови токму преку вакви платформи. Мислам дека комуникацијата преку дигиталните медиуми ќе стане наше секојдневие. Дури и да може физички да се патува, понекогаш нема да го сторите тоа доколку сте свесни дека задачата може да се реализира на друг, поедноставен начин, без губење време и пари. Колку порано го сфатиме и го прифатиме тоа, толку подобро ќе се приспособиме на реалноста. Иднината нема да познава физички простори за учење - факултети, големи амфитеатри, класични предавања, испити со физичко присуство. Доаѓа време на електронска комуникација. Кризата со коронавирусот е само акцелератор на потребата побрзо да се прифати технологијата и да се живее 21 век.

Која е сферата на Вашиот интерес во докторската дисертација?

- Нормално е да продолжите по веќе дефинираната патека на движење до посакуваната цел, иако постојат и исклучоци. За мене, секогаш сериозен предизвик за изучување е комуникацијата. Навидум многу едноставен процес – сите комуницираме – но најголем дел од луѓето ја анализираат само површината на водата и не се свесни за која длабочина на суштинско знаење говориме. Да се комуницира вербално (преку изустен или пишан збор) – е тоа што нè разликува од другиот животински свет. И нам тоа не ни е никаков предизвик за изучување за подобро да се разбираме? За подобро да комуницираме. Подобро да говориме, размислуваме, твориме.



Од друга страна, заврши времето на класичното медиумско информирање, кога некој произведува и „продава“ информација, а слушателот/читателот/гледачот само пасивно слуша, чита или гледа. Не, веќе живееме во век на комуникација, каде што оној што ја поседува информацијата, всушност, ја диригира комуникацијата и се наметнува од призма на моќ или преку процес на делиберација. Меѓу овие две крајности на наметнување или прифаќање преку учество, всушност, (ќе) се простира и мојата докторска дисертација на тема „Обликување на јавноста во Југоисточна Европа преку анализа на социјално поле“. Сепак, сѐ уште сум на платото на теоретизација во мојот докторски труд, по што ќе преминам кон емпириско докажување и елаборација на темата. Драго ми е што комуникацијата, директно или индиректно, е есенцијата на која го градам своето (не)формално образование и животна филозофија.

На кој јазик се одвива Вашата комуникација со професорите, бидејќи во Словенија има студенти од повеќе балкански држави, но и од светот?


- Комуницираме за да се разбереме. Секако, официјален јазик е словенечкиот, но во употреба се и англискиот и српскиот јазик. Може да замислите каков микс „салата“ од јазици имате на предавања, семинари или при полагање испити. Но, сите сме свесни дека треба да комуницираме и правилно да бидеме разбрани за да имаме ефективен пристап кон науката. За да ја постигнеме целта, не е суштински важно на кој јазик комуницираме, туку дали и како да се разбереме. Јазикот (говорот) е само изразна форма, вокализација, на вашите ставови, мислења, факти, рацио.

Кои се Вашите планови за иднина?

- Иднината секогаш е интересна и предизвикувачка токму затоа што е непредвидлива. Не знаете што ве очекува зад аголот. Сепак, важно е да планирате. Моите надежи се дека ќе докторирам (за приближно две години) и дека својот интерес ќе го насочам кон научни истражувања и кон пренесување на знаењето кон помладите генерации. Она што ќе го стекнам како знаење и вештина, со сета желба и елан, да го трансферирам кон другите генерации. Потребно е да се комуницира, но уште попотребно е да се вложи во истражување на комуникацијата како двонасочна улица. Затоа, бидете трпеливи, учете и истражувајте. Постојано.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема