Претставниците на неколку невладини организации од Целје предупредија на повишеното ниво на тешки метали во почвата во тој словенечки град и во околината, а поради уште неколку еколошки проблеми, тоа место го опишаа како „словенечки Чернобил“.
Претставникот на организациите, Борис Шуштар, истакна дека резултатите од анализите покажале дека прашината во Целје содржи 100 пати повеќе кадмиум и 50 пати повеќе други загадувачи, од кои многу се канцерогени. Загадувањето со кадмиум, како што рече тој, е наследство од хемиските компании, односно од компанијата за цинк „Цинкарна Целје“.
Шуштар истакна дека околината на фабриката опфаќа 17 хектари и дека навлегува 9 метри во почвата и дека е загадена со неверојатна количина од 1,5 милион квадратни метри главно токсичен отпад. Тој додаде и дека не верува дека некоја друга област во Европа е загадена како таа во Целје и повика на сеопфатен пристап до проблемот.
Еден од големите проблеми во тој град претставува и загаденото земјиште во училиштата и во градинките, иако некое време се работи на чистење на деградираните
области.
Планот е до крајот на годината да се исчистат пет детски игралишта и пет следната година, а во тоа се вложени околу милион евра.