Можеби треба да размислите двапати пред да го купите вториот или третиот автомобил. Научниците покажаа дека мали делчиња од пластика летаат од гумите и кочниците на автомобилите пред да завршат на чистите делови од светот или во човечките бели дробови. Новата студија беше објавена во вторникот во списанието „Нејчр комјуникејшнс“.
Светот на електрични возила можеби станува сè поголем и сигурно ќе помогне во справувањето со аерозагадувањето барем до одреден степен. Сепак, тоа сè уште нема да го минимизира проблемот со аерозагадувањето од различни делови на автомобилите: гумите и кочниците.
Гумите се направени од гума, но имаат и синтетички еластомери и влакна, а кочниците се направени од мешавина од пластика и метал. Мали фрагменти од овие материјали еродираат поради триење од тоа што гумата го погаѓа асфалтниот пат или од тоа што се притиска на кочниците. Тие парченца на крај завршуваат во одводите на патиштата, кои ги носат до најблиските води или во воздухот. Оттаму
микропластиката го наоѓа патот до недопрените делови од светот, како Гренланд, Арктикот и нашите океани.
Истражувачите во оваа студија откриле дека овие честички можат да „живеат“ до еден месец во новата околина и пресметале дека 52 илјади тони од најмалите честички секоја година завршуваат во морињата, додека 20 илјади тони завршуваат во далечните снежни региони.
- Малите честички, секако, летаат повисоко. Но, тие исто така тежат помалку од поголемите и лесно можат да стигнат до зафрлени региони под поволни метеоролошки услови. Поголемите честички обично се депонираат во близина на изворите - вели Николаоис Евангелиоу, истражувач во норвешкиот Институт за истражување на воздухот и водечки автор на новиот труд.
Како што овие микропластики (кои се во повеќе бои) слетуваат на недопрениот бел снег во некои арктички региони, во истражувањето се посочува дека тие можеби го придвижуваат глобалното затоплување. Снегот треба да остане бел за соодветно да ги рефлектира светлината и топлината. Со повеќе честички во боја кои слетуваат на него, снегот може да се топи со поголема брзина.
Сепак, оваа директна врска допрва треба да биде потврдена од страна на научниците. Главните прашања во моментов што произлегуваат од оваа студија се колкаво влијание имаат овие микропластики од автомобилите врз здравјето на луѓето и животните, како и врз нашите екосистеми.
Ќе бидат потребни уште истражувања за да ја дознаеме вистината.
Извор:
Interesting Engineering
Насловна фотографија: Pixabay