X
 25.11.2021 Живот

Шведската премиерка за оставката: „Не сакам да водам влада чиј легитимитет ќе биде доведен во прашање“

Првата премиерка на Шведска поднесе оставка по само неколку часа од нејзиното назначување.

Магдалена Андерсон беше најавена како лидер вчера, но поднесе оставка откако нејзиниот коалициски партнер излезе од Владата и нејзиниот буџет не успеа да помине.

Наместо тоа, парламентот гласаше за буџетот подготвен од опозицијата во кој е вклучена и антиимигрантската екстремна десница.

- Му кажав на спикерот дека сакам да поднесам оставка - изјави Андерсон.

Нејзиниот коалициски партнер од Партијата на зелените рече дека не може да прифати буџет првпат изготвен со крајната десница.

Андерсон рече дека се надева дека ќе се обиде повторно да стане премиер како лидер на една партија.

- Постои уставна практика коалициската влада да поднесе оставка кога една партија ќе поднесе оставка. Не сакам да водам влада чиј легитимитет ќе биде доведен во прашање -  рече таа.

андерсон
Фото: Instagram

Претседателот на парламентот рече дека ќе ги контактира партиските лидери за следниот чекор.

Андерсон беше избрана за премиер вчера бидејќи, според шведскиот закон, ѝ требаше само мнозинство од пратениците за да не гласаат против неа.


Нејзиниот избор на чело на малцинската влада следуваше по 11-часовниот договор со опозициската левичарска партија, во замена за повисоки пензии за многу Швеѓани. Таа обезбеди поддршка и од коалициониот партнер од Зелените.

Од 349 члена на парламентот, 174 гласаа против неа. Но, покрај 117 пратеници што ја поддржаа Андерсон, други 57 беа воздржани.

Пред пратениците да ја поддржат, Шведска беше единствената нордиска држава што никогаш немаше жена за премиер.

Таа ја почнала својата политичка кариера во 1996 година како советник на тогашниот премиер Горан Персон. Изминатите седум години ги помина како министерка за финансии.

Стапувањето на премиерската функција требаше да биде причина за прослава за Магдалена Андерсон, но сонцето сѐ уште не беше зајдено кога таа го предаде известувањето.

Сепак, поради сложеноста на шведската политика, ова нема да биде последното од неа. Ако има уште едно гласање за премиер, Андерсон веројатно повторно ќе добие глас. Тоа е така затоа што партијата на Зелените вети дека ќе ја поддржи и покрај тоа што се повлече како формален коалициски партнер. Но, таа би завршила во ранлива позиција на чело на кревка малцинска влада и сепак би морала да се држи до десничарскиот буџет што веќе го изгласа парламентот.

Целиот овој политички хаос покажа колку е поделена шведската политика во моментов.

Извор: ВВС
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот