По 21 година брак, мојата жена посака да однесам друга жена на вечера и кино. Ми рече: - Те сакам, но знам дека и оваа жена те сака, можеби и повеќе од мене, и дека навистина би сакала да помине некое време со тебе.
Таа друга жена што мојата сопруга сакаше да ја одведам на вечера и кино беше мојата мајка. Беше вдовица 19 години. Сепак, поради премногу обврски и поради моите три деца, немав можност да ја гледам многу често. Ја послушав мојата сопруга и таа вечер ѝ се јавив на мајка ми и ја поканив да излеземе заедно.
- Што не е во ред сине, добар си? - ми врати таа на прашањето (мојата мајка е од оној тип на луѓе што ако се јавите доцна навечер, веднаш помислуваат дека нешто лошо се случило).
Тој петок по работа тргнав кон нејзиниот дом. Бев многу нервозен и возбуден. Кога пристигнав пред куќата, забележав дека и таа е возбудена поради нашето излегување. Имаше прекрасна фризура и носеше фустан кој го купила за некоја од годишнините од бракот. На лицето имаше широка насмевка која зрачеше со ангелски сјај.
- Им кажав на сите мои пријателки дека излегувам со мојот син и сите беа импресионирани. Едвај чекаат да им раскажам како поминавме - рече таа целата возбудена.
Отидовме во прекрасен ресторан, не многу елегантен, но со фин амбиент. Додека влегувавме, мајка ми ме фати под рака. Седнавме и јас почнав наглас да го читам менито (поради слабиот вид не можеше убаво да чита). Читајќи, го подигнав погледот и забележав дека мајка ми ме гледа. Се појави носталгична насмевка на нејзиното лице.
- Ех, некогаш јас ти го читав менито, кога ти беше малечок - рече таа.
- Добро, тогаш време е да се опуштиш и да ми дозволиш да ти ја возвратам услугата, мајко - одговорив јас.
Во текот на вечерата водевме сосема обичен разговор, допирајќи ги заедничките доживувања и искуства. Толку се внесовме во разговорот што сосема заборавивме на филмот. Кога вечерта ја одведов дома, таа ми рече: Ќе излеземе повторно, ама под услов јас тебе да те поканам. Се согласив.
- Каков беше состанокот? - ме праша мојата сопруга кога пристигнав дома.
- Многу добар. Поминавме подобро отколку што очекував - одговорив јас.
Неколку дена подоцна мајка ми почина од срцев удар. Се случи наеднаш и немав можност никако да ѝ помогнам. По некое време добив писмо од ресторанот во кој бев со мојата мајка. На едно ливче пишуваше: „Ја платив сметката однапред. Не бев сигурна дека ќе бидам присутна, но сеедно, платив вечера за двајца... за тебе и за твојата сопруга. Никогаш нема да знаеш колку ми значеше вечерта кога излеговме. Те сакам, сине.“
Во тој момент ја дознав важноста на зборот „те сакам“. И важноста на времето кое го издвојуваме за да бидеме со оние што ги сакаме. Во животот ништо не е поважно од нашето семејство. НИШТО!