X
 25.12.2022 Технологија

Споделувањето на лозинките за стриминг-платформите е кршење на законот?

Споделувањето лозинки за стриминг-платформи, како што се „Нетфликс“, Ејч-би-о или „Дизни+“, е добро позната практика меѓу корисниците. И платформите се свесни за фактот дека корисниците споделуваат податоци за пристап со членовите на семејството и пријателите, со што им овозможуваат на повеќе луѓе да ја гледаат истата содржина за помалку пари.

Некои платформи веќе презедоа акција и најавија прекин на ваквите практики, воведување „поевтини“ претплати и блокирање на корисниците што споделуваат лозинки надвор од потесниот круг на домаќинството.

Иако нема официјална статистика, британската компанија „Диџитал“ проценува дека околу една четвртина од британските претплатници на „Нетфликс“ ги споделуваат своите лозинки.

- Јасно е дека постои можност „Нетфликс“ да генерира значителен дополнителен приход со запирање на таквите практики и претворање на оние што го прават тоа во нови претплатници - истакнува Мет Рос од „Диџитал“.

Но, проблемот може да биде уште поголем.

Британската канцеларија која се занимава со заштита на авторските права и интелектуалната сопственост (IPO) објави дека споделувањето лозинки за стриминг-платформите е всушност кршење на законот.

Постојат голем број одредби во кривичното и граѓанското право кои можат да се применат во случај на споделување лозинка, каде што намерата е да му се овозможи на корисникот пристап до дела заштитени со авторски права без плаќање, велат од оваа канцеларија.

Овие одредби може да вклучуваат прекршување на договорот, измама или секундарно прекршување на авторските права, во зависност од околностите. Кога овие одредби се предвидени со граѓанско право, останува давателот на услугата да преземе правни мерки доколку е потребно.

Досега, ниту една од овие стриминг-платформи не поднела тужба против корисниците што споделувале лозинки.

Тужба, по службена должност, би можела да покрене полицијата, односно обвинителството поради криминалната компонента споделување лозинки.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија