Речиси сите земји низ светот забележаа зголемен број туристи годинава во споредба со претходната, која беше одбележана од пандемијата. Меѓутоа, некои земји се загрижени дека ќе имаат премногу туристи и затоа почнаа да наплаќаат „туристички данок“ годинава. Други планираат да ја воведат мерката започнувајќи од 2023 година.
Валенсија ќе воведе туристички данок
Валенсија ќе воведе данок за туристи во сите видови сместувања, како хотели, хостели и станови. Мерката треба да стапи во сила на крајот од 2023 или на почетокот од 2024 година. Посетителите ќе треба да платат од 50 центи до 2 евра за ноќевање за најмногу седум ноќевања.
Фото: Валенсија/Pixabay
Средствата ќе бидат искористени за одржлив развој на туристичкиот сектор во регионот, односно изградба на одржливо домување за локалните жители во туристичките места.
Тајланд воведува туристички данок на крајот од 2022
Се очекува Тајланд да воведе туристичка такса од 8 евра на крајот од оваа година. Ова го открил гувернерот на Туристичката агенција на Тајланд. Парите ќе бидат искористени за грижа на самите туристи, како и развој на туристичките атракции, според гувернерот.
Венеција воведува туристичка такса во 2023
Венеција веројатно наскоро ќе започне да им наплаќа на туристите. Почнувајќи од следното лето, туристите може да плаќаат такса од 3 до 10 евра. Освен тоа, градот планира да го контролира бројот на туристи и со други мерки, како систем за онлајн резервации.
Фото: Венеција/Pixabay
ЕУ ќе бара туристичка виза
До ноември 2023 жителите на земји кои не се дел од ЕУ ќе мора да пополнат апликација и да платат 7 евра пред да влезат во земја членка на ЕУ. Апликацијата ќе биде бесплатна за оние под 18 и за оние над 70 години.
Освен тоа, многу други земји веќе наплаќаат туристички такси. Меѓу нив се Австрија, Белгија, Бутан, Бугарија, Карипските Острови, Хрватска, Чешка, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Индонезија, Италија, Јапонија, Малезија, Нов Зеланд, Холандија, Португалија, Словенија, Шпанија, Швајцарија и САД.
Извор:
Euronews