X
 03.02.2020 Здравје

Тајландски лекари: Микс од лекови за грип и ХИВ помогнал за лекување заболени од новиот коронавирус

Лекари од Тајланд соопштија дека употребата на комбинација од лекови против грип и ХИВ довела до значително подобрување на состојбата на неколку пациенти сериозно заболени од новиот коронавирус.

Лекарите во болницата „Раџавити“ од Бангкок објавија дека новиот третман значително го подобрил здравјето на неколку пациенти во рок од 48 часа од давањето на првата доза.

Меѓу пациентите била и една 70-годишна жена од кинески Вухан, која се заразила со вирусот пред 10 дена.

Во меѓувреме, италијански научници од Националниот институт за заразни болести го изолираа новиот коронавирус, објавија италијанските медиуми.

- Ова е меѓународно значајна вест. Ова создава повеќе можности за разбирање и проучување на вирусот за да се спречи неговото ширење - рече италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанза.

Институтот во Рим ќе ги стави на располагање овие резултати на други земји за да може истражувањето да продолжи. Експертите во светот веќе се во трка да ја развијат вакцината.

Со изолирање на вирусот, научниците во Рим добија чист микробен примерок од заразено лице наместо да ги одгледуваат во лабораторија.

Научниците од Римскиот институт испитуваат и неколку случаи за кои се сомневаат дека се коронавирус. Два случаи се веќе потврдени во Италија, а станува збор за кинески туристи кои се заразиле во матичната земја.

Научниците рекоа дека биле во можност да го изолираат вирусот во рок од 48 часа по дијагностицирањето.

Пред неколку дена австралиски научници успеаја да создадат коронавирус во лабораторија.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје