X
 25.09.2023 Живот

Истражувачи тврдат дека можат да преведат што велат кокошките

Истражувачи од Јапонија тврдат дека можат да го преведат звукот што го испуштаат кокошките со помош на вештачка интелигенција.

Тимот предводен од професорот Адријан Дејвид Чеок од Универзитетот во Токио дошол до систем способен да толкува различни емоционални состојби кај кокошките, вклучително глад, страв, гнев, задоволство, возбуда и вознемиреност со користење современа техника на вештачка интелигенција што се нарекува учење со длабока емоционална анализа.

Тие велат дека техниката е вградена во сложени математички алгоритми и може да се користи за да се приспособи на постојано променливите вокални модели на кокошките, што значи дека со текот на времето станува подобра во дешифрирањето на „вокализацијата на кокошките“.

За да го тестира новиот систем, тимот снимил и анализирал 80 кокошки. Потоа ги ставил во алгоритам за поврзување на вокалните обрасци со различни „емоционални состојби“ кај птиците.

- Резултатите од нашите експерименти го демонстрираат потенцијалот за користење техники за вештачка интелигенција и машинско учење за да се препознаат емоционалните состојби кај кокошките врз основа на нивните звучни сигнали - велат научниците.

Сепак, овие резултати треба да ги земеме со резерва. Истражувачите признаа дека точноста на нивниот модел може да се промени кај различни видови кокошки и при различни животни средини.

- Ова е само почеток. Се надеваме дека ќе можеме да ги приспособиме овие техники на вештачката интелигенција и на други животни. Ако знаеме што чувствуваат животните, би можеле да создадеме многу подобар свет за нив - вели Чеок.

Извор: Futurism.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот