X
 26.01.2021 Наша тема

Матурските тестови ќе бидат поопшти, нема да има трик-прашања, ќе се покаже разбирање, велат од Државниот испитен центар

Прашањата што ќе се паднат ќе бидат поопшти, погенерализирани. Ќе има прашања кои треба да ги знае секој средношколец по заокружувањето на средното образование, вели директорката Наумовска

Во електронскиот систем на Државниот испитен центар досега се регистрирани 15.289 матуранти кои се пријавиле за полагање државна матура, што е повеќе од 90 отсто од вкупниот број матуранти во државата, информираат во Државниот испитен центар. Директорката Елизабета Наумовска смета дека институциите, вклучително и училиштата, се потрудиле добро да ги информираат матурантите околу процесот на полагање на испитот на зрелоста.
Во меѓувреме, матуранти низ земјава организирани од Сојузот на средношколци, од почетокот на второто полугодие, веќе една недела ја бојкотираат наставата. Hајавуваат дека нема да престанат со бојкотот додека не им се исполнат барањата. Тие се незадоволни од одлуката на надлежните да се полагаат четири матурски испити, па бараат да се полагаат само два.

„Знаеја дека ќе полагаат“

Наумовска вели дека учениците во завршна година ги знаеле условите, слушале, знаеле дека годинава сепак ќе се полага матура, како и за промените околу проектната задача. Беа информирани за концептот и за тоа како треба да полагаат.

- Инсистиравме да бидат добро информирани. Тие самостојно си одбираа и избраа да полагаат матура. Оние што не се подготвени да влезат во ваков испит, полагаат училишна матура, која е составена од полагање два предмета и проектна задача. Државната е услов за упис на факултет. Оваа година сите држави на Балканот, односно Европа, веќе ги имаат истакнато роковите и датумите за полагање државна матура. Грција, Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Германија, Франција се само некои од нив - вели таа.

Фото: Елизабета Наумовска

Надлежните велат дека сега е многу доцна да се прават какви било промени во однос на полагањето, односно кратењето испити, бидејќи тоа би повлекло измени на многу закони.
- Она што успеавме да го направиме е да се скратат наставните програми, тоа го направи Бирото за развој на образованието. Промените се истакнати на веб-страницата на Државниот испитен центар за да можат според нив професорите да ги подготвуваат учениците - информира Наумовска.

Поопшти прашања

За предметите што ќе се полагаат во рамките на државната матура, посебни комисии составени од по двајца професори од средно училиште и еден универзитетски професор ги подготвуваат прашањата.

- Членовите на комисиите што ги прават прашањата не сакаат да падне квалитетот на матурата, но свесни се и за тоа во каква ситуација сме, дека учениците учат во вонредни услови, дека на професорите им е отежната работата, па затоа ќе имаат разбирање. Дали ќе бидат полесни или потешки прашањата, тоа е релативно бидејќи за некого и најлесното прашање може да е тешко. Во секој случај, нема да бидат трик-прашања, туку поопшти, погенерализирани, за некои поважни факти. Ќе има прашања кои треба да ги знае секој средношколец по заокружувањето на средното образование - информира директорката Наумовска.

Кој ги знае прашањата?

Таа вели дека прашањата ги знае само претседателот на матурската комисија за конкретниот предмет. Двајцата членови ги составуваат, а универзитетскиот го прави изборот на прашања. Заради тајност, никој нема право на увид во тие прашања. По полагањето, кое ќе се случи за неколку месеци, прашањата ќе ги проверуваат прегледувачи врз основа на клуч. Еден тест ќе помине низ рацете на тројца прегледувачи, а тие нема да знаат кој од нив претходно го прегледал тестот. Прегледувачите имаат потпишано изјави дека ќе бидат објективни во оценувањето.
При упис на факултет, особено на факултетите каде што интересот е голем, клучна улога имаат перцентилни рангови (децималите).

Да не се полага матура може да одлучи само Собранието

Минатата година беше укинато полагањето државна матура и беше направен исклучок, на факултет имаше упис без положена матура. Годинава, какви било измени во однос на полагањето повлекуваат носење и усвојување законски измени, а тоа е процес и за тоа нема доволно време, вели Наумовска.

- Единствена институција што може да каже дека нема да се полага државна матура е Собранието. Таква одлука не може да донесе Министерството за образование бидејќи така нема да ги почитува законите. Лани беше поинаку, имавме техничка Влада и со уредба можеше да се носат одлуки. Сега сите измени треба да се случат преку Собранието. Ако ова стаса дотаму, целата работа ќе се исполитизира - смета Наумовска.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема