X
 11.12.2019 Образование

Зошто паѓањето на испит е добра работа?

Замислете на првиот ден од предавањата на најтешкиот испит, пред да почнете да го учите материјалот, да го добиете испитот - по грешка испратен на вашата електронска адреса од страна на професорот. Одговорите ги нема, само прашањата. Дали тоа би ви помогнало подобро да научите? Секако.

Би знаеле на што да се фокусирате кога учите и на крајот би положиле со најмногу поени. Но што доколку полагавте испит на првиот ден кој ги содржи истите работи како конечниот, но не е идентична копија. Нема да ги разбирате прашањата, но и овој испит би ви помогнал подобро да го совладате материјалот, зарем не?

Ова е главната цел на „пробното тестирање“, една од најинтересните новости во образованието. Со повеќе експерименти психолозите откриле дека погрешните одговори на пробните тестови на почетокот не се бескорисни. Наместо тоа, тие го менуваат начинот на кој студентите размислуваат за предметот и ги подготвуваат за она што следува.

Сетете се на случаите кога доаѓате на испит, ги гледате прашањата и тие ви изгледаат познати, но на испитот паѓате или добивате лош резултат. Зошто се случува ова? Психолозите сметаат дека проблемот е во погрешната процена за нашето знаење. Едноставно, мислиме дека доколку една дефиниција ја читаме повеќепати, ја знаеме доволно добро за да не ја повторуваме повеќе и поради тоа ја забораваме или не ја учиме доволно.

Најдобар начин за надминување на овој проблем е тестирањето. Луѓето знаеле дека знаењето се потврдува со тестирањето уште во 1620 година, кога тоа го напишал филозофот Френсис Бејкон. Истото било потврдено во 1916 година со истражување од страна на Артур Гејтс.

Доколку испитите се поефективни кога се даваат на почетокот, зошто тоа не го прават сите? Ова е радикално прашање кое психолозите се обидуваат да го објаснат.

Неколку експерименти од страна на психологот Елизабет Лигон Бјорк покажале дека доделувањето испити на почетокот дава подобри резултати на конечниот испит дури и кога прашањата не се идентични, ами слични. Бјорк покажала дека студентите подобро размислуваат за одредениот предмет кога се насочени уште на почетокот. Освен тоа, ова го решава проблемот и со илузијата на знаење.

- Да речеме дека сте сигурни дека главниот град на Австралија е Канбера. Кога го добивате тестот, имате повеќе опции и одеднаш не сте толку сигурни. Доколку го учите само точниот одговор, не размислувате за другите можни одговори што би можеле да се појават на испитот - вели сопругот и соработник на Бјорк.

Испитот на почетокот дејствува како вакцина против илузијата на лажното знаење.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование