X
 01.12.2023 Технологија

Поради овој експеримент на НАСА, многу сме поблиску до испраќање луѓе на Марс

Иновативниот експеримент на НАСА, „Сајки“, штотуку ја постигна својата прва голема пресвртница со успешно изведување на најдалечната демонстрација на ласерска комуникација.

Оваа технолошка демонстрација еден ден би можела да им помогне на мисиите на НАСА да истражуваат подлабоко во вселената и да откријат повеќе за потеклото на универзумот.

Лансиран во средината на ноември, „Сајки“ моментално е на пат првпат во човештвото да фрли поглед на астероид кој се наоѓа помеѓу орбитите на Марс и Јупитер. Леталото ќе ги помине следните шест години патувајќи околу 3,6 милијарди километри за да стигне до својот истоименик, кој се наоѓа во надворешниот дел на главниот астероиден појас.

Исто така, на леталото се наоѓа и технологијата „Дип спејс оптикал комјуникејшнс“ (ДСОК), која извршува сопствена мисија во текот на првите две години од патувањето.

Техничката демонстрација е дизајнирана да биде најдалекосежниот експеримент на американската вселенска агенција со ласерски комуникации со висок опсег, тестирање на испраќање и примање податоци до и од Земјата со помош на невидлив инфрацрвен ласер. Ласерот може да испраќа податоци од 10 до 100 пати побрзо од традиционалните системи за радиобранови што ги користи НАСА во други мисии. Доколку биде целосно успешен во следните неколку години, овој експеримент би можел да биде идната основа на технологијата што се користи за комуникација со луѓето кои го истражуваат Марс.

А ДСОК неодамна го постигна она што инженерите го нарекоа прво светло, подвиг на успешно испраќање и примање на своите први податоци.

Експериментот првпат емитуваше ласер со кодирани податоци подалеку од Месечината. Податоците од тестот беа испратени од далечина од речиси 16 милиони километри и стигнаа до телескопот „Хејл“ во опсерваторијата Паломар на Калифорнискиот институт за технологија во Пасадена, Калифорнија.

Тимот за оптички комуникации на ДСОК работеше во раните утрински часови на 14 ноември за да биде сведок на „првата светлина“.

- Постигнувањето на првата светлина е една од многуте клучни пресвртници на ДСОК во наредните месеци, отворајќи го патот за комуникација со поголема брзина на податоци што може да испраќа научни информации, слики со висока резолуција и видео за поддршка на следниот голем скок на човештвото: испраќање луѓе на Марс - рече Труди Кортес, директорка за технолошки демонстрации за Управата за вселенска технологија на НАСА.

Извор: 6yka.com
Фото: Screenshot/CNN
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија