X
 26.02.2023 Забава

Дали кофеинот ја ублажува мигрената?

Кај некои луѓе кофеинот може да предизвика мигрена, додека други сметаат дека им помага во ублажувањето на болката. Научниците не се сосема сигурни зошто луѓето имаат различни реакции на кофеинот.

При напад на мигрена, крвните садови во телото се шират. Порано, научниците мислеле дека тоа ја предизвикува болката кај мигрената. Со оглед на тоа што кофеинот ги стеснува крвните садови, ова може да објасни зошто кафето им помага на некои луѓе да ја ублажат болката. Меѓутоа, улогата на ширењето на крвните садови во мигрената е нејасна. Научниците сега знаат дека мигрената е невролошка состојба и сѐ уште ги изучуваат последиците што таа ги предизвикува.

Може ли кофеинот да предизвика мигрена? 

Самиот кофеин може да биде причина за појава на мигрена. Истражувања покажуваат дека тоа е случајот кај  6,3-14,5 отсто од луѓето. Кај оние што се чувствителни на кофеин, оваа супстанција може да го зголеми интензитетот на главоболката и да ја продолжи.

Одвикнување од кофеин како причина

Одвикнувањето од кофеин, исто така, може да предизвика епизоди на мигрена. Со редовно консумирање кофеин мозокот може да развие толеранција, а за време на одвикнувањето може да се јават симптоми слични на мигрена, односно главоболка, умор, проблеми со концентрацијата и мачнина.

Зошто луѓето различно реагираат на кофеин?

Експертите не ги разбираат целосно механизмите на кофеинот што влијаат врз мозокот. Меѓутоа, тие знаат дека кофеинот влијае врз хемикалија во мозокот позната како аденозин. Нивото на оваа хемикалија се зголемува за време на напад на мигрена. Кофеинот ги блокира рецепторите на кои се лепи аденозинот и ги стопира ефектите на хемикалијата, како ширењето на крвните садови. Ова може да помогне во ублажување на болката кај некои лица.

Меѓутоа, кај оние што редовно консумираат кофеин, оваа супстанција има помали ефекти на мозочната активност и величината на крвните садови. Редовното и продолжено консумирање кофеин може да ги промени бројот и функцијата на рецепторите на аденозин, намалувајќи го неговиот ефект врз симптомите на мигрена.

Единствен начин со сигурност да знаете дали кофеинот ви помага или предизвикува мигрена е да го тестирате тоа. Обидете се да ги промените навиките за консумирање кофеин за да го тестирате неговиот ефект врз симптомите на мигрената.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава