Различни видови храна се поврзани со главоболка, гадење и други симптоми на мигрена. Кафето е еден од можните предизвикувачи, па затоа треба да размислите за количината на дневната доза.
Кофеин
- Кофеинот обично се смета како предизвикувач на мигренозни главоболки кај многу луѓе. Меѓутоа, за други, шолја кафе или газиран пијалак често е знак за брзо олеснување - вели Ејми Мојер, директорка за кулинарска медицина при Универзитетот во Северна Каролина - „Гринсборо“.
Мојер вели дека во моментов нема доволно докази за да се даде дефинитивна препорака, но ако имате мигрена, таа мисли дека треба да го следите внесот и да видите како реагира телото.
-Прекумерната употреба на кофеин, особено над 200 милиграми дневно или обратно, наглото намалување, често може да биде почеток на мигрена - наведува таа.
Алкохол
Иако коктелот во 17 часот се чини релаксирачки, тој всушност е потенцијален предизвикувач на мигрена. Имено, Здружението за мигренски нарушувања го наведува алкохолот како еден од најчестите диететски предизвикувачи. Причините за ова се слабо разбрани, вели докторката Алиса Пачеко.
- Виновник може да бидат одредени соединенија во алкохолот, како што се конгенери или хистамин. Алкохолот е и диуретик, кој може да доведе до дехидрација, а ова е уште еден чест предизвикувач на мигрена - изјавила докторката.
Затоа, треба да се избегнуваат пиво, вино и жестоки пијалаци.
Храна со тирамин
Тираминот нема да го видите на списокот со состојки бидејќи тој е нуспроизвод од разградувањето на аминокиселината наречена тирозин.
- Некои луѓе добиваат главоболки од храна која содржи тирамин, како што се старите сирења, пушената риба, смоквите и црвеното вино, но тоа може да зависи и од тоа колку јадете или пиете - вели докторката Умо Калинс.
Покрај тоа, земањето одредени лекови може да ги влоши ефектите на тираминот.
- Некои истражувања покажуваат дека кај одредени лица на кои им се препишани инхибитори на моноамин оксидаза (МАО), консумацијата на тирамин може да придонесе за појава на мигрена - вели таа.
Храна со фенилаланин
- Фенилаланин е есенцијална аминокиселина која се наоѓа во извори на протеини, вклучувајќи месо, риба, јајца и млечни производи, како и јаткасти плодови, семки и мешунки. Високите дози се поврзани со главоболки, вклучително и мигрена - вели Мојер.
Бидејќи фенилаланинот се наоѓа во многу здрави протеински намирници, целосното исклучување не е добра идеја за вашето целокупно здравје.
- Избегнувањето на сите намирници што содржат фенилаланин создава многу рестриктивна шема на исхрана. Доколку се сомневате дека сте чувствителни на фенилаланин, можеби е најдобро да бидете свесни за консумирањето или прекумерното консумирање на оваа храна – додава докторката.
Нетолеранција на храна
Понекогаш главоболката може да биде резултат на нетолеранција на храна.
- Истражувањата покажуваат дека мигрените се многу честа појава во случај на нетолеранција на храна, вклучително соја и глутен - вели Мојер.
Ако сте нетолерантни на која било храна, без разлика дали е тоа соја, глутен или нешто друго, обично ќе забележите симптоми во рок од 12 до 24 часа по нејзиното јадење, вели таа.
- Најдобар начин да ги идентификувате вашите предизвикувачи на мигрена е да водите дневник за храна. Ова ќе ви овозможи да се потсетите кога започнале вашите симптоми на мигрена и да ги намалите потенцијалните состојки на храната и/или состојките во храната што сте ја консумирале - вели Калинс.
Исто така, секогаш можете да контактирате со диететичари за совет, за посебен план за исхрана. Ова често значи елиминирање на само еден вид храна или група намирници во исто време. Потоа се влегува во фазата на повторно воведување на сомнителната „тригер“ (предизвикувач) храна и следење на негативните симптоми. Со малку внимание на деталите, треба да се стесни изборот на храна и да се избере она што е добро за оние што страдаат од мигрена.
Извор: 24sata.hr
Фото: Freepik