Група научници неодамна откриле дека одреден вид клетки во човечкиот мозок не само што остануваат активни и по смртта туку и растат. Овие „зомби-клетки“ растат експоненцијално и пуштаат делови што наликуваат на пипала во часовите по смртта.
Научници од Универзитетот на Илиноис во Чикаго го направиле откритието со симулација на посмртна околина на свежо мозочно ткиво извадено при операција на мозокот. Тимот го анализирал ткивото и открил дека глијалните клетки, специфични клетки во мозокот, растат до огромни пропорции.
Фактот дека токму глијалните клетки значајно растат по смртта не ги изненадил научниците бидејќи овој вид клетки се задолжени за „чистење“ по мозочни повреди или слични состојби, објаснува докторот Џефри Леб, автор на истражувањето во кое се откриваат сознанијата.
Леб објаснува дека откритието е важно поради неговите импликации. Претходно истражувањата за мозочното ткиво по смртта не ја земале предвид активноста на клетките бидејќи се претпоставувало дека мозочните активности завршуваат кога лицето умира. Новото откритие покажало дека тоа не е случај.
Во истражувањето било откриено дека „зомби-клетките“ најмногу растеле приближно 12 часа по смртта.
Автор: Фабиен Ланг
Извор:
interestingengineering.com
Фото: Pixabay