X
 31.07.2017 Наука

Британски научници откриваат зошто нѐ излудува звукот на мласкање

Мизофонија е состојба во која одредени звуци, како мласкањето, сркањето, звуците што се испуштаат кога со нокти се поминува врз училишна табла и слично, можат да доведат до лудило. Звукот што ги предизвикува овие реакции варира од човек до човек, а британски научници открија дека оваа состојба има биолошка основа и дека не станува збор само за раздразливост. Скенирањето на мозокот на личностите на кои им се неподносливи звуците од џвакање, сркање, дури и дишење покажа дека имаат аномалија на мозокот. Разликата се наоѓа во фронталниот дел, што сугерира дека оваа состојба, и покрај скептицизмот, е реална.

Освен што им предизвикува непријатност, личностите што страдаат од нарушувањето мизофонија кога ќе чујат звуци што ги иритираат, почнуваат да се потат, а срцето почнува забрзано да им чука. За оваа состојба сè уште не е откриен лек, а оние што страдаат од нагласен облик на мизофонија обично одат на терапија за когнитивно однесување и на психотерапија. Мизофонијата е нарушување за кое почнало да се зборува во последните дваесетина години, па според тоа, не е чудно што тие што страдаат од неа  во поблаг или во акутен облик не се ни свесни дека тоа е вид нарушување.

Хроничната мизофонија може да им го отежне животот на оние што страдаат од неа, но и на нивните блиски луѓе. Екстремните случаи кажуваат дека понекогаш остануваат сами дома за да избегнат ситуации кои можат многу да ги вознемират и да ги доведат до состојба при која ќе сакаат да си ја искубат косата.

Професорот по когнитивна психологија Тим Грифитс од Универзитетот во Њукасл се надева дека оваа студија ќе им помогне на луѓето со мизофонија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука