„Петроград, Петропавловска тврдина, 22 декември 1849 година.
Фото: Wikipedia
Брате, драг пријателу мој! Решено е! Осуден сум на четири години работа во тврдината. Денес не одведоа на Сејмоновски плоштад. Таму ни ги прочитаа смртните пресуди, ни дадоа да го бакнеме крстот, ни облекоа посмртна бела кошула. Потоа дојдоа тројца за да ја извршат казната. Прозваа тројца, јас бев во другата група и ми преостануваше најмногу една минута од животот. Се сетив на тебе, брате и твоите. Во последниот момент мислев само на тебе и тогаш дознав колку те сакам, драг брате! Успеав да ги прегрнам Плешчејев и Дуров, кое стоеја пред мене и да се збогувам со нив. Најпосле удри тапанот, врзани за столб ни прочитаа дека Неговото Императорско Височество ни подарува живот. Потоа се редеа вистински осуди. Само Паљм беше ослободен и во ист чин вратен во војска.
Сега ми рекоа дека денес или утре тргнуваме. Молев да ми дозволат да се видам со тебе, но ми рекоа дека тоа е невозможно. Можам само да ти го напишам ова писмо, а ти што побрзо одговори ми. Се плашам дека не си слушнал за нашата осуда. Кога не возеа кој плоштадот Сејмоновски, низ прозорите на возилото видов силен свет, можеби и ти си ја слушнал веста и си страдал заради мене. Сега ќе ти биде полесно. Брате! Јас не сум тажен, ниту сум паднал во духот. Животот насекаде е живот, животот е во нас, а не во надворешниот свет. Ќе бидам опкружен со луѓе, а да се биде човек меѓу луѓето и да се остане таков без разлика на било каква несреќа, тоа е животот, тоа е неговата задача. Јас тоа го сфатив. Таа идеја е во мојата крв. Да! Вистина! Главата која создавала, која живеела живот на уметност, која сфатила и се навикнала на возвишените потреби на духот, таа глава веќе е тргната од моите рамена. Ми остана сеќавање на лицето кое го создадов, но не отелотворено. Тоа ми отвора рани, вистина е! Но, јас уште имам срце и крв, кои можат да сакаат, да страдаат и да жалат, но и да се сеќаваат, а тоа е пак живот. Гледа човекот сонце!
Збогум брате! Не жали за мене!....Сега да прејдеме на материјални работи: Книгите и неколку листови со мој ракопис, скици од драмите, ми ги одзедоа, но ќе ти припаднат тебе. Ти го оставам и својот капут и старото одело. Ми престојува долг пат во етапи. Потребни ми се пари. Кога ќе го добиеш ова писмо, ако можеп да ми набавиш нешто пари, веднаш испрати ми ги. Парите ми се потребни сега, повеќе и од воздух. Ако добиеш московски пари, погрижи се за мене, немој да ме напуштиш!Тоа е се! Имам и пријатели, но што со нив?
Бакни ја сопругата и децата. Потсетувај ги на мене, направи да не ме заборават. Можеби некогаш ќе се видиме. Чувај се себеси и семејството, живеј мирно и свесно. Мисли на иднината на своите деца. Живеј позитивно. Никогаш во мене не тлеело такво изобилие на душевен живот како сега. Но, дали тоа ќе може да го издржи моето тело, тоа не знам. Се движам болен. Јас толку многу сум поднел во животот, што сега речиси од ништо не се плашам. Нека биде што биде! Кога ќе имам прилика, ќе ти се јавам.
Можеби ќе се видиме, брате. Чувај се, за повторно да се видиме. Можеби некогаш ќе се прегрнеме и ќе се сетиме на нашата златна младост и нашите надежи, кои во овој момент ги вадам од своето срце што крвари и ги погребам.
Зарем никогаш нема да го земам перото во рака? Мислам дека за четири години сепак ќе има можности. Ќе ти испратам се што ќе напишам, ако напишам. Боже мој. Колку ликови, кои сум ги создал, ќе пропаднат и ќе згаснат во мојата глава или ќе се разлијат во крвта како отров. Ако не можам да пишувам ќе пропаднам. Подобро е петнаесет години во темница со перо во рака!
Пишувај ми почесто и опширно. Во секое писмо известувај ме за ситници, не заборавај на тоа. Тоа ми дава надеж и живот. Кога би знаел само колку твоите писма ме оживуваат. Бакни ги децата и бидете среќни. Не тагувај за мене. Запомни, дека надежта не ме напуштила. Ако некој ме памети по лошо, ако со некого сум имал кавга, ако сум оставил непријатен впечаток, кажи им, ако ги сретнеп, да заборават. Јас повеќе немам злоба во душата. Толку многу би сакал да видам некого од своите познаници и да го прегрнам. Тоа ми е утеха и само тоа ми е на ум.
Ох, кога моето писмо би дошло што побргу до тебе. Кога ќе погледнам во минатото и ќе помислам колку време е потрошено залудно, колку време поминало во заблуди, грешки, несмасен живот, колку време не сум ценел и сум грешел против срцето и духот свој, тогаш крвта сопствена ме гуши. Животот е подарок, животот е среќа. Кога младоста би знаела!
Збогум брате. Само да го сочувам здравјето. Сеќавај се на мене со мирно срце. Во следното писмо ќе ти кажам како живеам. Сеќавај се на она што ти го зборував – не троши го животот залудно, обезбеди го, мисли на децата. Сега се одвојувам од се што ми е драго, тешко ми е сето тоа да го оставам. Тешко е да го преполовиш срцето на половина. Збогум. Но, јас ќе те видам, сигурен сум, се надевам, не менувај се, сакај ме, не заборавај, а мислата на твојата љубов ќе биде најдобриот дел од мојот живот. Збогум, збогум на сите!
Твојот брат
Фјодор Достоевски
22 декември 1849
При апсењето ми зедоа неколку книги. Само две од нив беа забранети. Една молба до тебе: една од тие книги беше „Делата на Валеријан Мајков“, примерок од Евгенија Петровна. Таа книгата ми ја даде како своја драгоценост. Кога ме уапсија молев да ми ја вратат книгата и им ја дадов адресата. Не знам дали и е вратена. Не би сакал да и го одземам тој спомен. Извести ме за тоа. Збогум уште еднаш
Не знам дали ќе одам во етапи пешки или со автомобил: Изгледа со автомобил. Уште еднаш, стегни и ја раката на Емилија Фјодоровна, бакни ги децата. Пиши ми за твоето апсење, затвор и пуштањето на слобода“.