Околу 5.500 ученици од сите јавни и од две приватни средни училишта и триесетина ученици на петнаесетгодишна возраст од основните училишта оваа година се дел од меѓународната студија на ПИСА.
Според податоците од Државниот испитен центар, кој е национален реализатор на студијата, тестирањето е успешно спроведено во 85 средни училишта, додека со денешниот и утрешниот ден, студијата успешно очекуваме да се заокружи и во преостанатите.
- Со оглед на тоа дека во тестирањето се вклучени и ученици од основните училишта, тие ќе го завршат по 1 мај - информираат од Министерството за образование и наука.
Фото: МОН
Резултатите од спроведената студија овозможуваат да се добијат валидни податоци за тоа колку добро учениците се подготвени за живот во модерни општества по завршувањето на училиштето, ставајќи акцент на применливоста на знаењата, вештините и компетенциите што ги стекнале во текот на образовниот процес, а не колку добро учениците ги совладале наставните содржини што се предвидени со наставните програми и колкаво е фактографското меморирано знаење.
- Преку ПИСА-истражувањето треба да добиеме одговор колку учениците на петнаесетгодишна возраст знаат и се оспособени да го применуваат сопственото знаење – велат од МОН.
Резултатите од ПИСА 2018 ќе бидат објавени на крајот од 2019 година.