Се насетува крајот, кога заокружуваме уште една учебна година. Заклучно со 14 јуни, остануваат уште нецели две седмици, кога полуматурантите ќе бидат пред предизвикот наречен запишување во средно образование, а на преостанатите ученици ќе им започне летниот распуст. Наставна година исполнета со многу наставни и воннаставни активности, предизвици, зачестени апликации на Еразмус-проекти и уште многу други тековни работи. Вложениот труд на крајот секогаш се исплаќа.
Во овој текст ќе го насочам вниманието на две точки: одговорноста на наставникот и одговорноста на ученикот.
1. Одговорноста на наставникот
Лично за мене, одговорен наставник е оној што:
-работи со многу љубов и волја во својата наставничка професија;
- го почитува училишниот кодекс;
- секогаш позитивно размислува пред многуте негативни соочувања;
- верува дека работите секогаш можат да бидат подобри;
- ги извршува сите задолженија дадени од директорот на училиштето, стручна служба итн.
- си ја гледа својата наставна работа и гради професионален однос со колегите (значи, не озборува, не завидува и сл.);
- има цел од ученичето да направи прав ученик со посветена, трпелива и макотрпна работа;
- професионално се надградува користејќи искуства од повозрасни колеги, како и искуства од други училишта во нашата земја и пошироко;
- секогаш им излегува во пресрет на колегите кога треба да им помогне, да ги замени кога се отсутни и сл.
- не се жали дека му е напорна работата или, пак, како ќе се издржат 7 наставни часа денес;
- способен е и квалитетен во својата наставна област, а доследно и точно дава одговор на поставено прашање од научната област;
- има задоволство да учествува на настани поврзани со предметот/предметите што го/ги предава (натпревари, патронат, екскурзии...);
- предлага наставни и воннаставни активности што би биле од интерес за самото училиште, па и за градот каде што се наоѓа училиштето;
- сака да соработува со локалната самоуправа и да даде придонес во функционирањето на образовната дејност;
- има чест да комуницира со родителите за нивните деца и постигнувањата на училиште...
- не препрашува дали имало плата или не (нормално дека ќе има, за тоа работиме, законска должност е вложениот труд да се плати).
И така, наставникот има уште многу други обврски и одговорности (не само горенаведените 16) кои треба посветено, професионално и етички да ги извршува. Но, ќе оставам нешто и за следна пригода.
1. Одговорноста на ученикот
Според мене, од одговорен родител произлегува и одговорен ученик, кој:
-мора да го почитува училишниот кодекс, наменет за него;
- води сметка за културата на изразување и комуницирање со соучениците и со наставниците, па и воопшто;
- ги извршува сите активности поврзани со наставните предмети што ги задава наставникот и самото училиште;
- не се спротивставува и разбрано се однесува;
- со задоволство учествува на натпревари, патронат, активности поврзани со наставата и вонучилишни предизвици;
- покажува интерес за додатна, дополнителна настава, како и секции...;
- максимално го користи својот потенцијал и дар што го поседува, во давање на најдоброто од себе,
- континуирано учи, а не само пред тест и испрашување;
- не се „пазари“ за оценки кога точно знае колку може да постигне;
- слуша наставник и прима добронамерен совет, кога навистина е потребен;
- се истакнува и се докажува со своите знаења, интереси, вештини, способности...;
- дава конструктивни предлози за подобрување и напредување на училишната клима;
- културен е и цивилизиран пример не само во училиштето, ами секаде;
- соработува со наставниците, а не се ограничува на еден или двајца наставници;
- не манипулира, не се расправа, не подлегнува под негативно влијание (на соученици или, пак, некој друг во училишната средина);
- секогаш и секаде позитивно и радосно го претставува своето училиште и наставниците.
Одговорноста на ученикот многу значи и треба да биде стабилна и во најдобро светло прикажана. Настрана од технолошката зависност (мобилен телефон, социјални алатки, компјутер и сл.), ученикот има обврска да остане добар и за пример и никако поинаку! Затоа, како што почнав погоре, најважни се: влијанието и улогата на домот, од каде што ученикот тргнува. Ако се влијае воспитно, тогаш нема да имаме проблеми, но ако се допушти слобода на однесување (каква што ја гледаме и доживуваме), тогаш проблемите само ќе растат, а нема да се решаваат.
За крај на овој мој текст, драги ученици: Ви го честитам постигнатиот успех на училиште (запомнете, за себе учите и можете многу да постигнете); имајте добро лето, но не заборавајте: читајте и другарувајте со книгите, богатете го речникот и културата на изразување. Негувајте ја македонската белетристика. Оставете ги настрана социјалните мрежи, или паметно користете ги. И одете по разумен и нормален пат во животот! Верувајте дека е исплатливо и корисно! Останете среќни, паметни и добри!
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик