X
 26.04.2022 Наука

Антидепресивите не водат до подобар квалитет на животот, покажува нова студија

Научниците сѐ уште не знаат како точно функционира депресијата и излегува дека можеби не знаеме ни колку се ефективни антидепресивите.

Нова студија објавена во списанието „Плос уан“ открива дека иако многу луѓе земаат антидепресиви и велат дека им помагаат со менталното здравје, нема мерливо подобрување во квалитетот на животот на корисниците на антидепресиви.

Трудот, кој бил изготвен од страна на истражувачи од Универзитетот „Крал Сауд“ во Ријад, Саудиска Арабија, содржи податоци од 2005 до 2015 година од лонгитудинална американска студија која следела 17,47 милиони возрасни лица на кои им била дијагностицирана депресија, а 57,6 отсто од нив земале антидепресиви.

Интересно е што иако имало забележливо подобрување на резултатите за менталното здравје кај разгледуваните испитаници, не била пронајдена разлика меѓу оние што биле на антидепресиви и оние што не биле.

Како и со сите метаанализи (студии кои анализираат податоци од други поголеми и подолготрајни студии), овие резултати треба да се стават во контекст на методите на истражувачите. Истражувачите од Саудиска Арабија, како и повеќето што вршат ваков вид анализи, во нивниот труд признаваат дека се потребни долготрајни студии што го проценуваат влијанието на фармаколошки и нефармаколошки интервенции врз квалитетот на животот на овие пациенти.

Сепак, резултатите се базираат на сѐ поголем скептицизам за непроменетиот статус на третманите на депресија.

Истражувачите посочуваат дека истражувањата за тоа дали антидепресивите се ефикасни треба да се ориентирани кон помагање на луѓето.

Извор: Futurism
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука