Во последно време почесто се соочуваме со екстремно високи температури во одредени периоди во летните месеци. Тоа наскоро може да стане многу честа појава во САД, Канада, Медитеранот и во Азија. Во наредните неколку децении ќе стане речиси невозможно да се ужива во летниот период на овие места, според најновата студија.
Преку анализи на животната средина се измерил ефектот на температурата и влажноста во термален комфор, па истражувачите откриле дека рекордно топлите лета веројатно ќе се случуваат 70 пати повеќе во иднина отколку во изминатите 40 години. Тоа значи дека во 30-тите години на 21 век летата ќе бидат екстремно топли. Исто така, од 2050 година натаму летата уште повеќе ќе се затоплуваат.
Сето ова е загрижувачко и со себе носи големи последици. Само во изминатиов период голем број земји се соочија со шумски пожари, а во текот на 2016 година измерени беа рекордни температури. Се потврдува и дека високите температури се поврзани со нашето користење на фосилните горива. Што значи дека зголемувањето на топлотните удари и екстремните температури се резултат на човекова активност. Се соочуваме со потопла клима генерално, што е секако штетно за целата животна средина, па несомнено е дека градовите ќе треба да применуваат поагресивни стратегии за ладење во текот на летните месеци.
Високите температури се и закана за снабдувањето со електрична енергија бидејќи луѓето користат уреди за ладење почесто кога е топло, што доведува до поголема потреба од енергија. Исто така, топлото време е голема опасност за работење и престојување на отворено. Според податоци објавени во списание за климатските промени, околу 30% од светската популација веќе страдаат од потенцијално смртоносни топли 20 дена на годишно ниво, а бројката во иднина само ќе се зголемува.
Овие
откритија треба да послужат како сигнали за зголемување на свеста и соочување со реалноста, но и за потенцирање на фактот дека надежта не е изгубена. Доколку се преземат мерки за намалување на емисиите на штетни гасови на национални и локални нивоа, сигурно дека ќе се постигнат резултати, советуваат експертите.