X
 15.08.2024 Наука

Антиинфламаторен лек го продолжил животот на глувците за 20 проценти - научниците истражуваат дали ќе го има истиот ефект кај луѓето

Блокирањето на воспалителната молекула интерлеукин-11 (ИЛ-11) го продолжува животниот век на глувците, покажуваат најновите истражувања, што укажува на потенцијални ефекти против стареење кај луѓето.

Како што старееме, клеточното оштетување се акумулира, поттикнувајќи го имунолошкиот систем да ослободи воспалителни молекули како ИЛ-11. Додека некои воспаленија штитат од болести, други го забрзуваат стареењето.

- Тоа е како да додавате масло на оган - вели Стјуарт Кук од Медицинскиот факултет „Дјук-НУС“ во Сингапур, еден од авторите на новата студија.

Тимот на Кук го тестирал ова со инјектирање лек кој го блокира ИЛ-11 кај 37 глувци на секои три недели, од нивната 75. недела од животот, што е еквивалентно на 55 години кај луѓето, до нивната смрт. Контролна група од 38 глувци добила различна терапија со антитела. Резултатите покажале дека блокирањето на ИЛ-11 го продолжува животниот век и на машките и на женските глувци за повеќе од 20 проценти. Освен тоа, само 16 отсто од третираните глувци развиле рак, во споредба со над 60 отсто во контролната група. Нивното истражување е објавено во списанието „Природа“.

Третманот, исто така, го намалил холестеролот, ја намали изнемоштеноста и телесната тежина и ја подобрил мускулната сила и метаболизмот, што сугерира дека блокирањето на ИЛ-11 може да го спречи влошувањето на здравјето поврзано со стареењето.

- Сепак, ефектите кај луѓето остануваат непознати без клинички испитувања. Во тек се испитувања за други воспалителни состојби, но ниту едно не е насочено кон забавување на стареењето - истакнал Кук.

Шилпа Равела од Универзитетот „Колумбија“, која не била вклучена во истражувањето, додала дека некои воспаленија се нормални со возраста, што ја отежнува идентификацијата на потенцијалните корисници на терапијата.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука